13.09.2012, 16:46 „Ристо Шишков“ за Никола Ристановски
За најдобра претстава во целина на струмичкиот театарски фестивал што заврши синоќа е прогласена „Хенри Шести“
Сузана Тасева
Актерот Никола Ристановски е добитник на единствената награда за високо актерско остварување на дваесеттото, јубилејно издание на фестивалот „Ристо Шишков“ што заврши синоќа во Струмица. Таква одлука донесе петчленото фестивалско жири во состав: Борис Чоревски, Нина Мазур, Горан Тренчовски, Димитри Орготска и Скандарбег Тулпаров. Одлуката на жирито на прес конференција ја соопшти претседателот Борис Чоревски, минатогодишен добитник на наградата, кој во образложението истакна:
„Во наведената ролја, Ристановски со мајсторска минуциозност ги владееше сценските ситуации и сериозно се наметнуваше како перфектно зрел актер, претставувајќи сугестивен лик обоен со сите свои квалитативни одлики. Имено, неговата маестрална телесна пластичност и говорна артикулација беа пример за високопрофесионално водење на драмскиот лик со сите свои изразни аспекти. Креацијата на Никола Ристановски безрезервно се истакна во текот на целиот овогодишен фестивалски репертоар“, истакна Чоревски.
Фестивалското жири во низата извонредни креации ги издвои и колективната игра во претставите „Ѓаволијада“ на Театарот од Шабац (Србија) и во „Танго“ на Театарот од Враца (Бугарија), потоа актерската игра на Бајруш Мјаку во претставата „Одбраната на Сократ“, Неле Савиченко и Регина Салтенуте во претставата „Свила“ на Градскиот театар од Литванија, како и актерските креации на Петар Горко, Габриела Петрушевска и Мартин Мирчевски во претставата „Хенри Шести“ на Народниот театар од Битола.
Жирито на тркалезната маса, пак, во состав: Гоце Ристовски, Тодор Кузманов, Ристе Стефановски, Иван Ивановски и Христо Петрески, наградата за најдобра претстава во целина и' ја додели на „Хенри Шести“ од Вилијам Шекспир, а во адаптација и режија на Џон Бландел, во продукција на Народниот театар од Битола. За најдобра странска претстава е прогласена „Ѓаволија“ на Театарот Шабац од Србија.
Жирито, пак, на вториот фестивал на камерна драма НЕТА (Нова европска театарска акција) за најдобра камерна претстава ја прогласи „Свила“ на театарот „Пилис“ од Клајпеда, Литванија. Награда за синтеза меѓу актерското мајсторство и режисерскиот концепт ја доби претставата „Танго“, награда за актерско осмислување на историскиот лик се додели на Бајруш Мјаку, а награда за хомоген актерски израз во целокупното сценско остварување жирито и' ја додели на претставата „Жени без мажи и ништо повеќе“ на Малиот драмски театар од Битола. Награди добија театрите кои се членки на оваа театарска асоцијација.
Наградата „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот и парична награда во износ од 1.500 евра, на Никола Ристановски му беше доделена синоќа на чинот на свеченото затворање. Во негова чест актерите на МНТ ја одиграа претставата „Животот е сон“ во режија на Владо Цветановски, а во претставата настапи и Васил Шишков, син на Ристо Шишков.
|