13.09.2012, 17:18 Поглед
Хендикепот на Алиу
Роберт Димитриевски
Дента кога Владата ја награди стрелачката Оливера Наковска-Бикова со 30.000 евра за златниот медал на Параолимписките игри во Лондон, медал заслужи и еден пратеник, ама за несоодветен речник. Откако разбра дека ДУИ ќе се врати во собраниските клупи, Имер Алиу од ДПА им порача дека тие требало да учествуваат на Параолимпијада, бидејќи биле осакатени. Притоа не прецизира каков хендикеп, според него, имаат интегративците - физички или ментален, иако е јасно на што мислеше.
Не е јасно само дали му е познато дека на Параолимпијада учествуваат спортисти со физички недостаток, а за тие со ментален постои Специјална олимпијада. За политичари со ментален хендикеп, пак, досега не е организирано некакво натпреварување. Оттаму, се наметнува прашањето каде ли да одат пратениците од ДУИ, кога веќе Алиу констатира дека не се за на Олимпијада, а, богами, ни за во Собрание. Кога би се прашувал тој, за никаде се.
Всушност, клучното прашање е дали Алиу пред да ја изговори, помисли колку е хендикепирана мислата што реши да ја сподели од собраниската говорница. Се свести дури по укажувањето дека ги навредува параолимпијците, па се обиде да се извади со тоа што ги нарече најсмели спортисти во светот. За жал, отиде возот.
Непромислениот гест на координаторот на пратеничката група на ДПА коинцидира со гафот на Франсоа Оланд. Францускиот претседател на слепа параолимпијка и' рече дека, воодушевени од нејзиниот настап, тој и неговата партнерка цело време и' мавтале, но таа не ги видела.
Сепак, има разлика меѓу испадите на Оланд и на Алиу. На првиот сите слатко му се изнасмеаја, бидејќи беше очигледно дека не е свесен за хендикепот на спортистката, која се упати кон него без помагала и без ничија помош, а не носеше ни темни очила. На вториот, пак, не му е прв пат да не избира зборови за оцрнување на ривалите во политичката арена. Овој пат претера. |