10.09.2012, 16:01 Левин: Шкотска мора да ја победи Македонија
Селекторот на шкотската фудбалска репрезентација на неговите избраници пред утрешниот дуел во Глазгов против Македонија им го наметна императивот победа
- Станува збор за натпревар во кој ние мораме да победиме, доколку сакаме да се квалификуваме за Светското првенство во Бразил 2014 година, изјави Левин за шкотските медиуми.
Потребата од три бодови во дуелот со македонската селекција, за Шкотланѓаните се наметна уште повеќе, откако не ја победија Србија на својот прв квалифакциски натпревар одигран во саботата на домашен терен кога беше 0:0.
Медиумите во Лондон кои покрај игрите на Англичаните, со големо внимание ги следат и натпреварите на шкотскиот тим, забележуваат дека „сините“ од Шкотска не смеат да имаат уште еден кикс на домашен терен, особено откако Белгија и Хрватска веќе постигнаа по една победа и имаат по три бода во оваа квалификациона група.
Во Глазгов, медиумите откриваат дека има нервоза меѓу навивачите по средбата со Србија која може да се префрли и кај фудбалерите, а како резултат на непостигнување ниту еден гол и покрај низата шанси и теренската доминација изразена и со 8:0 во корнери.
Шкотскиот селектор тоа го оправдува со затворената игра на гостинската екипа, но и признава дека задоцнил со замените и со освежувањето на својот тим. Во изјави за локалниот весник „Скотсман“, шкотските репрезентативци велат дека ќе биде тешко со Македонија, објаснувајќи го свето стравување со играта на македонските фудбалери против Хрватска.
- Тие успеаја да ја задржат хрватската репрезентација, која мораше да се намачи за да дојде до минимална победа од 1:0, иако Хрватска важи за главниот фаворит во нашата квалификациона група, се дел од коментарите на фудбалерите кои утревечер ќе играат против Македонија.
Група од стотина Македонци кои живеат и работат во Велика Британија се очекува утре да се најде на стадионот во Глазгов како поддршка за македонските репрезентативци.
|