11.09.2012, 10:11 Мохамед ал Завахири ќе посредува меѓу исламистите и Западот
Мохамед ал Завахири, брат на лидерот на Ал Каеда Ајман ал Завахири, изрази подготвеност да стане посредник во преговорите за мирно надминување на конфликтот меѓу исламистите и Западот.
Во интервју за Си Ен Ен, Мохамед ал Завахири изјави дека сака да има мир меѓу немуслиманите и муслиманите.
-Јас не претставувам никаква група. Мојата улога е на посредник меѓу Западот и исламистите. Тоа е многу сложена задача. Ако вие сакате мир, убедете ги и другите дека и тие ќе се чувствуваат безбедно, рече тој.
Предлогот составен од шест страници претпоставува склучување на мировен договор во рок од 10 години, ако Западот исполни неколку услови: САД и Западот да се откажат од упаѓањето во муслиманските земји и од водењето војна со исламот; ослободување на сите затвореници, задржани според обвиненија за муслимански екстремизам; прекин на мешањето во образовниот систем на муслиманите.
Како одговор на ова исламистите се обврзуваат да ги запрат нападите врз западниот свет и да не провоцираат нови судири, да ги заштитуваат „законските интереси на Западот во исламскиоот свет“.
-Ако оваа идеја победеше немаше да ги има терористичките напади од 11.септември. Се надевам дека и денес е можно да се постигне мир. Треба да се сврти страницата и да се заборави минатото, рече братот на водачот на Ал Каеда.
Тој тврди дека идеолошки е близок со својот брат, Ајман ал Завахири, и само тој може да го убеди да запре насилството.
Мохамед ал Завахири лежал 14 години во затвор во Египет затоа што бил поврзан со атентатот врз египетскиот премиер Анвар ел Садат во 1981 година. Мохамед ги негира сите обвиненија.
Лидерот на Ал Каеда потврди дека неговиот заменик Абу Јахија ал Либи бил убиен годинава
Лидерот на Ал Каеда, Ајман ал Завахири, потврди дека вториот човек во херархијата на терористичката мрежа Абу Јахија ал Либи бил убиен годинава.
Владата на САД во јуни соопшти дека екстремистот, кој беше главен стратег на Ал Каеда, бил ликвидиран во воздушен напад, изведен од американски беспилотен авион во Пакистан.
- Со гордост на муслиманската заедница и на муџахедините им ја соопштувам веста за мачеништвото на либискиот лав шеикот Хасан Мохамед Каид (роденото име на убиениот исламист), соопшти Завахири во видео запис, лиферуван на Интернет.
Смртта на Ал Либи е најтешкиот во серијата удари, нанесени врз Ал Каеда, по убиството на нејзиниот основач Осама бин Ладен во операцијата на американските специјални единици во Пакистан, во мај минатата година. |