09.09.2012, 17:10 ЛДП: Десетици милиони евра долг за поврат на ДДВ
„Додека Владата се занимава со самата себе, граѓаните притиснати од немаштијата и беспарицата се' помалку ги интересира што прават Груевски и Ахмети. ЛДП е сериозно загрижена за последните негативни економски параметри кои се однесуваат на македонската економија. Сите податоци упатуваат на тоа дека условите за рецесија се веќе исполнети, само останува официјално да се објави. Значително се намалени нарачките од странство, индустриското производство десет месеци по ред паѓа, се намалува бројот на вработени во индустријата, БДП бележи негатива, се очекува инфлацијата да изнесува меѓу 5 и 6 отсто“. Ова на денешниот прес го изјави Дејан Блажески, член на Централниот одбор на опозициската Либерално-демократска партија.
Од партијата велат дека наместо спас од кризата во овие тешки години, за домашниот бизнис оваа Влада се појавува како најголем уништувач и должник. „Државата на име поврат на ДДВ и исплата на заостанатите обврски кон компаниите кои вршеле услуги за потребите на Владата должи повеќе од десетици милиони евра, податок кој упорно се крие. Покрај другото, од почетокот на годинава до сега постојано расте бројот на блокираните сметки на фирмите и граѓаните. Според последните податоци на Народна банка на Македонија, во јули имало 133.944 блокирани сметки, од кои 57,6 отсто биле на правни лица“, изјави Блажески.
Тој истакна дека пари во Буџетот за пензии нема, за што говорат и податоците на Министерството за финансии. „Практично владата годинава ќе даде речиси двојно повеќе пари за спас на Фондот отколку пред пет години“, тврди Блажески. (Ек.Р.) |