11.09.2012, 14:45 Критичар на Путин ќе биде исфрлен од Думата
Генадиј Гудков учествуваше во протестите на опозицијата против Путин
Руски законодавци вчера изјавија дека пронашле докази дека истакнат парламентарец од опозицијата ги прекршил ограничувањата за бизнис-активност на членови на парламентот, но тој ги осуди нивните заклучоци како политичка одмазда. Одлуката од комитетот на државната Дума се темели на доказ што го отвори патот за исфрлање на Генадиј Гудков од Долниот дом во гласање што може да се одржи еден ден пред протестите в сабота против рускиот претседател Владимир Путин и владејачката Единствена Русија.
Гудков, еден од неколкуте парламентарци во 450-члената Дума кои учествуваа во протестите на опозицијата што се одржаа минатата зима и кои беа најголеми во 12-годишното владеење на Путин, изјави дека обидот за негово соборување е политички мотивирано. „Ова е вонсудска одмазда. Тоа е фарса“, изјави Гудков, додавајќи дека законодавците од Единствена Русија побрзале да изгласаат негово заминување од Думата пред сабота, кога противниците на Путин сакаат повторно да ги разгорат уличните протести по летното затишје.
Комитетот на Думата најде дека има докази за ангажираноста на Гудков во бизнис-активности кои му биле забранети како парламентарец, обвиненија што Гудков ги негира. „Има материјали кои ја докажуваат неговата систематична и редовна ангажираност во бизнис-активности“, изјави Андреј Воробјов, лидер на парламентарната група на Единствена Русија во Думата.
Со исфрлањето на Гудков од парламентот ќе му се одземе и имунитетот од судско гонење. Федерални иследници наведоа дека имаат докази оти тој вршел илегални бизнис-активности и ако биде изведен пред суд и осуден, би можел да се соочи со двегодишна затворска казна.
|