11.09.2012, 14:50 Бесими и Попоски на состанок на Северно-атлантскиот совет
Министрите во Брисел уште еднаш ќе ја потврдат стратешката определба на Македонија за членство во НАТО
Остануваме доследни на определбата за членство на Република Македонија во НАТО, како една од стратешките цели на државата за што има поддршка од граѓаните, е главната порака што министерот за одбрана Фатмир Бесими и шефот на дипломатијата Никола Попоски утре ќе ја пренесат во Брисел каде што ќе учествуваат на состанокот на Северно-атлантскиот совет.
Како што информираше денеска Бесими на состанокот ќе реферираат за преземените обврски за членство во Алијансата.
Презентирајќи ја агендата на МО за реформи за евроатлантска интеграција, Бесими подвлече дека нејзините главни столбови ќе бидат создавање модерна и високо професионална војска, подобрување на стандардот на припадниците на АРМ, зајакнување на меѓуетничка и меѓурелигиозна доверба на државно ниво, а во однос на членството во НАТО - реформи и придонес на Република Македонија кон глобалниот мир, преку воени мисии.
Во новата Агенда на МО се наведени над 50 проекти и иницијативи кои ќе го покренат Министерството и Генералштабот на АРМ да работат со уште поголемо темпо за да одговорат на законските обвски и останат постојан и кредибилен партнер на НАТО.
- Продолжуваме со промоција подготвеноста на Република Македонија за членство во НАТО, со учество во меѓународни мировни мисии, со донесување Стратегија за одбранбена дипломатија, како и промоција на Бела книга на одбраната, рече меѓу другото Бесими. Ќе се продолжи и со „паметната“ (интелигентна) одбрана односно планирање и имплементација на рационализација на трошоците, подобро планирање и регионална соработка за модернизација на армијата согласно стандардите на НАТО.
Во агендата е и Концептот за Резервни сили на АРМ. Донесување на Концепт и Акционен план за формирање на резервни сили на Армијата на Република Македонија од 1.800 лица до 2015 година.
- Престижна, професионална и модерна армија. Војници со достоинствен стандард. Модернизација и опремување на одбраната. Воената опрема на Армијата мора постепено да се модернизира во текот на претстојната декада и потоа. Притоа, максимално ќе се користат регионалните и мултинационалните иницијативи за развој на заеднички распоредливи способности во духот на Концептот на НАТО за „паметна одбрана“. Во согласност со Долгорочниот план за развој на одбраната 2011-2020 ќе ги оствариме следните главни проекти за модернизација и опремување на АРМ: Ра��вој на интегрирани капацитети и способности за воздушно набљудување и јавување, набавка на тридомензионален радар/и, Центар за обука на пилоти, Логистичко-информациски систем,опрема и инфраструктура за обука, модернизација на хеликоптерите, се дел од предвидените цели кои се поставени во агендата на МО, што денеска ја пормовираше министерот за одбрана Бесими.
Министрите Попоски и Бесими утре ќе ја одбележат 20-годишнината на АРМ во седиштето на НАТО
Министрите за надворешни работи и за одбрана, Никола Попоски и Фатмир Бесими, утре точно напладне во седиштето на НАТО ќе ја прослават 20-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија.
По повод јубилејот на АРМ, македонската постојана Мисија при Северно-атлантската организација утре организира прием на кој домаќин е министерот за одбрана Бесими. На приемот се очекува да присуствува и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, со кого утре попладне министрите Попоски и Бесими ќе имаат средба во неговиот кабинет.
Потоа, ќе следи состанокот на македонската делегација со Северно-атлантскиот совет на НАТО, на кој ќе се разгледува извештајот за прогресот на Македонија во рамки на процесот за членство во НАТО, на кој ќе бидат присутни Расмусен, македонските министри и стручни тимови од Алијансата и министерствата за надворешни работи и за одбрана на Република Македонија. |