10.09.2012, 15:39 Масовна тепачка со шишиња и ножеви во тетовско кафуле
Инцидентот се случил во кафулето „Амнезија“, при што се повредени гости, напаѓачи и полицајци
Тетово - Во масовна тепачка која вчеравечер се случила во тетовското кафуле „Амнезија“, повеќе лица биле повредени, едно лице здобило рани од удар со нож, а биле испукани и неколку куршуми од пиштол. Била нападната и полициската патрола, која дошла да интервенира.
Според тетовската полиција, инцидентот го предизвикале петмина - Џ.Д. (44), A.Д. (19 ), Д.Д. (22), Р.Ш. (34) и Б.К. (35), кои околу 23 часот дошле во кафулето „Амнезија“ веќе во видно алкохолизирана состојба. Тие продолжиле да консумираат алкохол, а кога по половина час станале да си одат, едниот од нив се судрил со гостин, по што Џ.Д. го фатил за маица и го удрил со тупаница по глава. Од ударот нападнатиот паднал на бетонската патека по што почнала масовна тепачка во која се користеле чаши, шишиња и друг инвентар. При тоа, еден од учесниците во тепачката, според кажување на присутните во локалот, извадил пиштол и испукал неколку куршуми во воздух, но и кон групата која физички се пресметувала, а потоа извадил нож и го повредил во грбот Д.Д. (23). Во тепачката, исто така, бил повреден и Б.С. (26), кој бил гостин во локалот. По ова се создала паника и гостите се разбегале на различни страни.
Набрзо во кафулето пристигнала полициска патрола, која го затекнала Р.Ш., а тој веднаш со тупаници ги нападнал двајцата полицајци при што им нанел телесни повреди. Сепак за кусо време тој бил совладан и приведен во СВР-Тетово. Покрај Р.Ш. веднаш е приведен и Б.К., а во текот на вчерашниот ден се приведени уште тројца учесници во тепачката. Повредените се пренесени во тетовската клиничка болница и задржани за лекување, меѓу кои и двајцата полициски службеници од патролата.
Во извршениот увид полицијата на местото на настанот пронашла еден неиспукан куршум од пиштолска муниција калибар 38 милиметри и други траги, кои се фотодокументирани и подигнати за вештачење. (Г.Е.)
|