10.09.2012, 10:15 Уште две лица починаа од западнонилска треска во Србија
Уште двајца пациенти починаа на Клиниката за инфективни болести при Клиничкиот центар на Србија од воспаление на мозокот, предизвикано најверојатно од вирусот Западен Нил, пишува српскиот весник „Блиц“.
Жртвите биле сместени на одделот за интензивна нега и биле во кома.
Доколку се потврди дека смртта и кај нив настапила поради овој вирус, официјално бројот на жртвите на овој вирус, кој се пренесува преку комарците, ќе се зголеми на пет. Деталната анализа на Институтот за вирусологија и имунологија се` уште се чека.
Истовремено за време на викендот во болниците во Србија не е примен ниту еден нов пациент со симптом на треска. Официјално досега се пријавени 37 заболени, но се претпоставува дека има над 60 лица. |