11.09.2012, 12:35 Франција не може да ја прифати целата сиромаштија на Европа
Франција „не може да ја прифати целата сиромаштија на светот и на Европа“, изјави денеска францускиот министер за внатрешни работи, Мануел Валс, по повод ромското прашање.
Валс, заедно со својот колега министерот за европски прашања Бернар Казњов, утре ќе пристигне во посета на Романија, каде меѓудругото ќе се разговара и за прашањето за Ромите.
- Не можеме да си дозволиме да ги примиме сите нив, кои често пати се дел од проколнатите луѓе на планетата, подложувани на прогони во своите земји и дискриминирани, изјави Мануел Валс за телевизијата БФМ и радио РМС.
Франција „го презема својот дел што се однесува до засолништа, до прифаќање, но пораката е јасна - а тоа е цврстината“, изјави министерот, додавајќи дека до крајот на септември со сигурност 7.000 романски или бугарски државјани, ќе бидат вратени назад преку системот за помош при враќање, признавајќи меѓутоа дека има „и други кои се пристигнати во Франција“.
Во Франција веќе има приближно 15.000 Роми од источна Европа, тврдат нивните здруженија.
- Главен дел од решението се наоѓа на европско ниво, наведува Валс пред својата посета на Романија.
- Франција не може да ја прифати целата сиромаштија на светот, но е должна да го преземе својот дел, потсетија медиумите на изјавата на социјалистот Мишел Рокар од 1989 година, кога беше премиер. |