10.09.2012, 15:48 Македонска решителност против шкотската агресивност
Нашата фудбалска репрезентација вечерва (21 ч.) во Глазгов го игра вториот меч во квалификациите за СП 2014 во Бразил, противник е Шкотска против која основна цел е да останеме непоразени
Од нашиот известувач Сашко Ѓ. Димовски
ГЛАЗГОВ - Реми и, секако, победа котираат високо во агендата на фудбалската репрезентација на Македонија како посакувани исходи во вечерашниот дуел против Шкотска во квалификациите за Светското првенство во Бразил во 2014 година. Тоа го посочи и селекторот Чедомир Јаневски во брифингот со новинарите овде во Глазгов. Лузните од поразот од Хрватска во петокот се' уште се свежи и тие целосно ќе избледнат само со остварување на императивот да се освои бод или три на распродадениот „Хемпден парк“. Мечот почнува во 21 часот, правдата ќе ја дели судиски колегиум од Русија предводен од Сергеј Карашев.
Хрватите демонстрираа голема агресивност во дуелот на „Максимир“, особено врз капитенот Горан Пандев. Се очекува Шкотланѓаните да бидат уште поагресивни во пресметката на репрезентации што се стремат да впишат премиерна победа во актуелната мундијалска кампања. На такво нешто им посочил и селекторот на фудбалерите на вчерашниот состанок.
„Шкотланѓаните беа за нијанса поблиску до победа во мечот со Србија. Играат многу агресивно, поагресивно и од Хрватите. И мора да бидеме подготвени за тоа и да издржиме“, изјави Јаневски.
Една од нефудбалските предности на Шкотланѓаните е публиката. Капацитетот на стадионот беше исполнет за мечот со Србите. Навивачите се бучни, реагираат на секоја судиска одлука, блиску се до теренот поради немањето атлетска патека на стадионот и претставуваат „силен ветар во грб“ за домашната репрезентација.
Горан Попов е еден од фудбалерите кој настапи против Шкотска во квалификациите за Светското првенство во Јужна Африка. Во Скопје тогаш победивме со 1:0, овде загубивме со 2:0.
„Тогаш не' победија, а речиси и да не создадоа шанси. Не сакаме такво нешто повторно, овојпат сакаме да заминеме одовде со позитивен резултат. А, можеме ако ја повториме играта од Хрватска. Затоа и дојдовме тука. Ни требаат бодови во Глазгов. Го имаме Пандев, кој во Загреб покажа колку значи за оваа репрезентација. Силен е, брз и секогаш привлекува внимание на противничките играчи. Тој е фудбалер од светски калибар и ќе претставува голема закана за Шкотланѓаните“, вели новиот член на премиерлигашот ВБА од Бирмингам.
Можни состави
Шкотска: Мекгрегор, Хатон, Ди��сон, Бера, Колдвел, Адам, Роудс, Вебстер, Милер, Снудграс, Нејсмит.
Македонија: Богатинов, Георгиевски, Шиков, Новески, Попов, Демири, Шумуликоски, Глигоров, Ибраими, Тричковски, Пандев.
|