19.11.2010, 16:26 Медведев во Лисабон со предлози за соработка
Москва - Дмитриј Медведев, прв руски претседател што присуствува на еден НАТО-самит, денес во Лисабон ќе ги изнесе предлозите на Москва за развој на односите со западната воена Алијанса, меѓу кои и руската иницијатива за соработка во областа на противракетната одбрана, најави помошникот на рускиот претседател, Сергеј Прихотко.
Не прецизирајќи какви конкретни иницијативи ќе изнесе Медведев на Советот Русија - НАТО, Прихотко навести дека тие ќе бидат предлог за размислување и соработка, при што додаде дека рускиот претседател поконкретно таа идеја ќе ја изнесе во своето излагање.
Прес-службата на Кремљ соопшти оти Москва очекува дека на седницата на Советот „ќе се означи нова етапа во односите Русија - НАТО и јасно ќе се назначи подготвеноста за движење кон стратегиското заемно корисно партнерство во реагирањето на современите безбедносни предизвици“.
Теми, меѓу другото, на Советот Русија - НАТО ќе бидат јакнењето на политичкиот дијалог и соработката во борбата против заканите и предизвиците на 21 век, ПРО на Европа, соработката во решавањето на прашањата врзани за ситуацијата во Авганистан и борбата против пиратството.
Кремљ истакнува дека појдовна точка за градење на идните односи Русија и НАТО ќе стане новата Стратегиска концепција на Алијансата, која треба да биде усвоена пред седницата на Советот Русија - НАТО, и во која треба да бидат поставени темели за приспособување на НАТО во современата реалност, означена позицијата за употребата на потенцијална сила, можното идно ширење и правците на соработка со партнерите. |