Број 3271  петок, 30 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил
Магазин

Site Meter
Стил

Бразилиjа

Урбана утопија што функционира

Бразилија беше изградена за 41 месец, од 1956 до 21 април 1960 година, кога беше официјално инаугурирана. Лусио Коста победил на конкурсот и бил главниот урбан планер

На 21 април годинава се навршија 50 години вистински живот на големата „урбана утопија“, главниот град на Бразил - Бразилија.

Бразилскиот главен град е единствениот град во светот изграден во 20 век што го добил статусот (во 1987 година) на историско и културно наследство на човечноста од УНЕСКО. Исто така, се издвојува бидејќи за најкраток временски период беше прогласен за светско наследство на УНЕСКО, само 27 години по неговото завршување во 1960 година.

Градот и неговиот округ се наоѓаат во централнозападниот регион на земјата, по должината на висорамнината позната како Планалто Централ. Има 2.557.000 жители (3.599.000 жители во областа на метрополата) според процените на ИБГЕ од 2008 година, така што Бразилија е четвртиот најголем град во Бразил, пред Бело Хоризонте и Форталеза. Сепак, како област е рангирана пониско, на шестата позиција. Покрај тоа, градот е прогласен за светско наследство на УНЕСКО. Во Бразилија се наоѓаат 91 странска амбасада.

Како национална престолнина, Бразилија е седиште на сите три разграноци на бразилската влада. Градот, исто така, е домаќин на многу бразилски компании, како што се „Банко до Бразил“, „Каикса економика федерал“, „Кореиос“ и „Бразил телеком“. Градот е светска референца за урбано планирање. Сместувањето на станбени згради околу пространи урбани области, градењето на градот по должината на долги авении и негова поделба на сектори, поттикна дебата и размислувања за животот во големите градови во 20 век. Планираниот проект на градот опфаќа специфични области речиси за се', вклучувајќи и сместување, хотелски сектори Север и Југ. Сепак, сега се развиваат нови области како локации за хотели, на пример, хотелски и туристички сектор Север, лоциран на бреговите на езерото Параноја.

Градот беше испланиран и изграден во 1956 година, со Луцио Коста како главен урбан планер и Оскар Нимајер како главен архитект. Во 1960 година официјално стана национална престолнина на Бразил. Гледана одгоре, главната форма на градот потсетува на авион или на пеперутка. Вообичаено, градот е познат како Капитал Федерал, или едноставно како БСБ. Луѓето од Бразилија се познати како бразилијанци или кандангоси.

Изградбата на Бразилија ја наредил претседателот Хуселино Кубишек, исполнувајќи член од Уставот на земјата од 1891 година, каде што беше нагласено дека главниот град треба да се премести од Рио де Жанеиро во место поблиску до центарот на земјата. Планот оригинално бил замислен во 1827 година од Хозе Бонифацио, советник на императорот Педро Први, кој презентирал план пред Генералното собрание, за нов град наречен Бразилија, и со првична идеја за преместување на престолнината повеќе кон запад од густо населениот југоисточен коридор. Нацрт-законот не бил спроведен, бидејќи императорот Педро Први го распуштил Собранието.

Лусио Коста победил на конкурсот и бил главниот урбан планер. Оскар Нимајер, близок пријател на Лусио, бил главен архитект на повеќето јавни згради, а Роберто Берле Макс бил дизајнер на пејзажот. Бразилија беше изградена за 41 месец, од 1956 до 21 април 1960 година, кога беше официјално инаугурирана. Од 1763 до 1960 година, Рио де Женеиро беше главен град на Бразил. Во тоа време, ресурсите беа сконцентрирани во југоисточниот регион на Бразил, во близина на Рио де Женеиро. Географски централната локација на Бразилија беше причина да биде избран за регионално неутрална државна престолнина. Идејата за лоцирање на престолнината во центарот на Бразил првпат беше предложена во 1891 година, но не беше дефинирана се' до 1922 година.

Од самиот почеток, развојот на Бразилија ги надмина очекувањата. Се' до 1980-тите години, гувернерот на Дистрито федерал беше именуван од сојузната влада, а законите на Бразилија беа донесувани од бразилскиот федерален Сенат. По донесувањето на Уставот од 1988 година, Бразилија доби право да избира свој гувернер, а Окружното собрание (Камара дистријал) беше избрано да ја спроведува законодавната власт.

Според легендата, италијанскиот светец Дон Боско во 1883 година имал претскажувачки сон, во кој опишал футуристички град што одговарал приближно на локацијата на Бразилија. Денес во Бразилија многу нешта упатуваат на просветителот, кој го основал Салесијанскиот ред. Една од главните цркви во градот го носи неговото име.

Гледан одгоре оригиналниот план на градот има форма на авион, иако многумина преферираат да кажат дека тоа е птица со раширени крилја, сепак, оригиналниот урбан концепт на архитектот покажува форма на крст.

Бразилија беше изграден за да може федералната престолнина на Бразил да се пресели од крајбрежјето до внатрешниот среден запад на земјата. Претходно, главниот град на Бразил се наоѓаше во Рио де Женеиро (1763-1960), а пред тоа во Салвадор (1549-1763). Бразил не беше единствената федерална земја која испланира и целно изгради нов главен град. Вашингтон првпат беше изграден кон крајот на 18 век, а стана главен град на САД во 1800 година, додека Канбера беше прогласена за главен град на Австралија во 1927 година.

Преместувајќи го главниот град во внатрешноста, владата имаше намера да помогне во населувањето на таа област од земјата. Луѓе од целата земја беа ангажирани да го изградат градот, особено од североисточниот регион на Бразил. Тие работници беа познати како „кандангоси“. На меѓународната сцена, Бразилија е познат по применувањето на принципите утврдени во Атинската повелба од 1933 година.

Бразилија беше планиран како град каде што превозот ќе се одвива лесно. Лусио Коста ги испланирал улиците на таков начин што дури не се потребни семафори: автомобилите и автобусите користат автопатишта за долги релации, а потоа еден од неколкуте споредни колосеци за да излезат на локалните улици и да стигнат до саканите дестинации.

Многу од оригиналните планови мораа да се сменат, главно, поради развојот на Бразилија. Коста не предвидел толку брз развој на градот, а уште помалку експлозивен развој на сателитските градови околу Бразилија. Денес градот има семафори како и секој друг град, нема доволно места за паркирање, а сообраќајните метежи се вообичаени во ударните термини, особено во некои попрометни споредни колосеци. Сепак, иако сегашната ситуација не е онака како што планирал Коста, превозот во Бразилија и натаму е многу подобар отколку во другите големи бразилски градови. Законот строго се почитува, а како резултат на тоа има подобро едуцирани возачи: на пример, Бразилија е еден од неколкуте града во Бразил каде што возач би дал предност на пешак на пешачки премин. Улиците вообичаено се во добра состојба, што ги минимизира сообраќајните несреќи.

Планот на централниот град се споредуваше со птица, лак и стрела или авион. Неговата форма ја нагласуваат „оската автопат“ (еиксо родовијарио), што се протега од север кон југозапад и ги поврзува главните станбени населби на Бразилија, и директната „монументална оска“ (еиксо монументал) што се протега во насока северозапад-југоисток и во таа линија се распоредени државни и цивилни згради. На северозападниот крај од монументалната оска се наоѓа државниот кварт и општинските згради, додека на југоисточниот крај, во близина на централното крајбрежје на езерото Параноја, се наоѓаат зградите на извршната, судската и законодавната власт, околу Плоштадот на трите власти, идејното срце на градот. Тие и другите големи структури се дизајнирани од бразилскиот архитект Оскар Нимајер. На Плоштадот на трите власти, како фокусна точка тој ја изградил Конгресната палата, која е составена од пет дела: две административни кули од чии страни се наоѓа голема купола од бел бетон (седиштето на Сенатот) и еднакво масивно бетонско здание (Комората на пратениците) поврзано со куполата преку зграда со рамен покрив.

И евтините и луксузните згради се изградени во централната градска област, од страна на владата. Станбените зони од внатрешноста на градот се распоредени во „суперквадрас“ - суперблокови, односно групи на станбени згради, заедно со пропишан број и вид училишта, трговски центри и отворени простори.

Градот е признат за користењето на модернистичка архитектура во голем обем и за донекаде утописки план на градот, но, сепак, беше отворено критикуван поради истите причини. По посетата на Бразилија, француската писателка Симон де Бовоар се пожали дека сите суперблокови испуштаат „ист воздух на елегантна монотонија“, додека други аналитичари ги изедначуваа големите отворени тревници во градот, плажите и полињата со пуста земја. Како што созреваше градот, некои од суперблоковите беа украсувани, а многу од нив беа коригирани со уредување на земјиште, кои според некои аналитичари дава чувство на „хуманизирана“ просторност. Иако не е целосно остварена, „бразилската утопија“ создаде град со релативно висок квалитет на живот, во кој граѓаните живеат во пошумени области со спортски и рекреативни структури (суперквадрас), а од страните се наоѓаат мали комерцијални објекти, книжарници и кафулиња. Градот е познат по својата кујна и релативно ефикасниот превоз. Сепак, и тие позитивни карактеристики иницираат контроверзии, убаво изразени во прекарот „илха да фантазија“ (остров на фантазијата), што укажува на големиот контраст меѓу градот и околните региони, препознатливи по сиромаштијата и дезорганизираноста во некои градови во државата Гојас, околу Бразилија.


#
Статијата е прочитана 2842 пати.

Испрати коментар

Од: jean luc picard
Датум: 30.04.2010 11:04:45
ее бразилците за 3 и пол години цел град изградиле и тоа толку добро што влегол во УНЕСКО. А ние од 63та наваму што направивме? на сите оние што носат урбанистички одлуки
Од: Zamislen
Датум: 30.04.2010 12:55:30
Sekako ne postavuvale bisti i proekti na partiski vojnici, i mislele samo za sebe.Grad pogolem od nasata drzava, a kolku nam ni treba da izgradime edna ulica? Arhitekti - odete u;ete vo Brazil pa dojdete da go opravite Skopje.I onaka go us..vte.

Најди! во Утрински
Стил
Пет години „Авон“ во Македонија
Чизми за разлика во ставови