Број 3271  петок, 30 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил
Магазин

Site Meter
Стил

„ДОК МАРТИНС“

Чизми за разлика во ставови

Чизмите „Д-р Мартинс“ низ нивната полувековна историја еднакво ги сакале скинхедсите, панкерите, шминкерите... Откако на светската модна сцена ги лансираше Британецот Р. Григс во 1960 година, со само некоја ситна измена, продадени се повеќе од 100 милиона чифта низ светот.

Многумина мислат дека чизмите „Д-р Мартинс“ потекнуваат од Велика Британија, но, всушност, доаѓаат од Германија. Први ги дизајнирал и изработил д-р Клаус Мертенс, воен лекар за време на Втората светска војна. Обичните војнички чизми, поради планинарските повреди, ги сметал за пренеудобни, поради што направил помек ѓон со „воздушни перничиња“. Иако во почетокот немал многу среќа во лансирањето на своите чевли, соработката со стариот пријател д-р Херберт Фанк ја поттикнала продажбата.

Чизмите имаат и „зелена еколошка историја“. Двајцата лекари рециклирале отпадна гума од некогашните аеродроми на германското воено воздухопловство. Првиот пар чизми е продаден во Минхен, во 1947 година. Мекиот ѓон на „докмартинките“ очигледно им се допаднал на германските домаќинки, зашто дури 80 отсто од продажбата во првата декада на овие чевли отпаднала токму на нив.

Чизмите станале толку популарни што д-р Мертенс почнал да размислува за тоа да ги продава во странство. Прва на ред била Велика Британија. Семејството Григс ги откупило правата за дистрибуција. Пред да излезе првиот пар во продажба во Англија, Григсови ја редизајнирале петата, го додале заштитниот знак - жолт шев и заштитниот назив „ер веар“ (воздушна обувка“. Тоа се „докмартинките“ што ги познаваме денес. Покрај сето тоа, презимето Мертенс го англизирале во Мартинс. Подоцна чизмите го добиле прекарот „док мартинс“, ДМ, „докси“, или кај нас најпознати како „докмартинки“.

Најпознатиот модел со осум дупчиња е „1460“, наречен по датумот на почетокот на производството: 1 април 1960 година. Чизмите во почетокот им биле наменети на работниците во фабриките, полицајците, поштарите..., но набрзо станале многу популарни меѓу лондонските скинхедси. Припадниците на разни супкултури, како панкери и даркери, почнале да носат „докмартинки“. Со влегување во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, еднакво ги засакале националистите и расистите, како и љубителите на ска-музиката, како и борците за човечки права. Но, луѓето ја избирале бојата на своите врвки, зависно од нивното политичко уверување. Белите расисти носеле бели и црвени врвки, додека антифашистите врвки од сите бои. Денес, чизмата може да има три до осум дупчиња за шнирање.

Некое време овие чизми биле по малку заборавени, повторно ги актуализира моделката Агинес Дејн, која редовно позира во нив. Во последните 12 месеци продажбата на „докмартинките“ пораснала за 30 отсто во Европа. Иако имаат скромно минато, „докмартинките“ денес може да чинат и по неколку десетици илјади денари. Но, постојат и сандали „докмартинс“, кои чинат само 3.000 денари.

Својот врв компанијата го достигна кон крајот на 90-тите години на минатиот век, со глобална продажба, која надмина 300 милиони евра. „Докмартинките“ во Америка почнале да се продаваат во 1984 година, а кај нас се појавија некаде кон 90-тите години на 20 век.

Компанијата продала повеќе од 100 милиона пара од овие чевли во светот. Освен чевлите, со текот на годините се појавија и торби, паричници, ремени... со потписот „Д-р Мартинс“.

„Д-р Мартинс“, посредно ја има иницирана кариерата на дизајнерот Вејн Хемингвеј. Старите „докмартинки“ тој ги украсувал и ги продавал на познатиот пазар Камден во Лондон. Неколку славни дизајнери направиле своја верзија на овие обувки, вклучувајќи ги: Вивијан Вествуд, Пол Смит и Јохи Јамамото. Дури и Џими Чу, кралот на високите потпетици, соработувал со овој бренд.

Огласот од 2007 година, на кој мртвите пејачи Курт Кобејн, Сид Вишис и Џој Рамон на небото одат во овие обувки, повлечен е, зашто е прогласен за „невкусен“. Меѓу ѕвездените обожаватели на „докмартинките“ се актерот Роберт Патисон и пејачката Аврил Лавињ. „Докмартинките“ се единствени чизми што се споменуваат во Оксфордскиот речник на англискиот јазик. Но, овие чизми не ги носат само рокерите и филмските ѕвезди, туку ги носеше и папата Јован Павле Втори, како и Далај-лама.

За разлика од повеќето обувки, кожениот дел не се лепи, туку се шие за основата. Сериозните вегетаријанци не ги носат овие обувки откако компанијата престанала да ја произведува верзијата кај која не се користи кожа.

Сегашниот сопственик Стивен Григс го наследил татка си Макс и деда си Бил на тоа место. Во изминатите 50 години, имало околу 70.000 различни варијанти на обувката „д-р Мартинс“. Најголемиот број што се продава е 50. Една од линиите на овие обувки се продава со доживотна гаранција дека секој пар што ќе се „износи“ ќе биде заменет или поправен. (Ј.П.)


#
Статијата е прочитана 678 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Стил
Пет години „Авон“ во Македонија
Урбана утопија што функционира