02.04.2010, 15:51 Христијаните заедно го слават Велигден
Сите христијански верници в недела ќе го слават најголемиот празник Велигден - Христовото воскресение, денот кога Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Иако ретко се случува тоа, оваа и наредната година православните и католиците во ист ден ќе го чествуваат овој празник.
Одбележувањето на празникот на верата и на традицијата започна во четвртокот в зори, кога се вапсуваа првите црвени велигденски јајца, кои ја симболизираат Исусовата крв.
Вечерва централното одбележување православните верници ќе го имаат во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ со свечената литургија, која ќе ја служи архиепископот г.г. Стефан со свештенството на Македонската православна црква, додека католиците ќе одржат велигденска миса во Катедралата „Пресвето срце Исусово“.
По повод големиот христијански празник, честитки до православните верници и до католиците испрати државниот врв. Претседателот Ѓорге Иванов упати честитка до верниците на Македонската православна црква, на Католичката и на Евангелско-методистичката црква. „Ми претставува особено задоволство и чест на сите верници да им го честитам претстојниот празник над сите празници Воскресението Христово – Велигден. Ви посакувам Велигденските празници да ги поминете во убаво празнично расположение, споделувајќи ги со своите најблиски, радувајќи се и славејќи го животот“, се наведува во честитката на шефот на државата.
Премиерот Никола Груевски, исто така, испрати честитка до верниците и до духовниците на трите цркви, во која порача: „Да го прославиме сите заедно овој голем христијански ден, да ги успокоиме душите со верба во Бога, кој го осветлува пред нас единствениот благороден пат, патот на верата, традицијата и човековиот соживот“.
Честитки до православните и до католичките верници и до нивните духовници испрати и претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски. (Б.Ј.) |