18.04.2012, 12:33 „Орка Холдинг“ нов сопственик на Медиа Принт Македонија
Денеска, на 18 април 2012 година, компанијата „ОРКА ХОЛДИНГ“ го потпиша купопродажниот договор за преземање на медиумската групација Медиа Принт Македонија, од Австриската компанија „Ост Холдинг“, членка на ВАЦ групацијата
Дел на групацијата Медиа Принт Македонија се друштвата „Круг“, „Огледало“ и „Планет прес“, како и печатницата „Графички Центар Скопје“.
ВАЦ групацијата влезе на македонскиот медиумски пазар во 2003 година, кога презеде мнозински удели во трите дневни весници: „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“.
„Ова што денес претставува „Дневник“, „Вест“, „Утрински весник“, „Теа модерна“ и „Графички центар“ е резултат на долгогодишно залагање во целокупниот тим на Медиа Принт Македонија. Токму затоа, преземањето на една моќна медиумска групација, за мене подеднакво значи дополнителен предизвик за одржување и надминување на досегашните успеси, како и обврска за континуирано вложување и креирање нови современи канали на известување и информирање на македонската јавност“, изјави на прес конференцијата г. Јордан Камчев, главен извршен директор на Орка Холдинг.
Орка Холдинг како нов сопственик има поставено стратешки определби и развојни планови за МПМ во насока на подигнување на квалитетот и одржување на стабилна позиција на пазарот на трите најтиражни дневни весници во Македонија и семејниот магазин „Теа модерна“, вложувањето во нови новинарски продукти, задржување на постоечкиот кадар и негово проширување со цел да се одговори на потребите за современ начин на информирање.
„Новитет ќе биде и создавањето на информативни интернет портали, кои по својот графички дизајн, понуда на информации и комуникација со читателите ќе бидат рамо до рамо со светските онлајн информативни изданија. Наша цел е и да го зголемиме тиражот на веќе докажаните брендови, но подеднакво важно за компанијата ќе биде инвестирањето во нови брендови на задоволство на верните читател “, изјави г-дин. Камчев.
Како дел од идните планови на новиот сопственик, се и вложувањето во нова опрема и модернизација на „Графички центар“ со цел да стане регионален печатарски центар. Најавена е и изградба на нова зграда во која ќе бидат сместени сите редакции на МПМ.
Г. Хелшер од името на медиумската групација ВАЦ во својата изјава го изрази задоволството од досегашното работење на Медиа Принт Македонија, како и дека повлекувањето од македонскиот медиумски пазар е дел од вкупната стратегија на ВАЦ за повлекување од пазарот на Југоисточна Европа. Притоа изрази надеж дека континуирано ќе се развива моделот на Медиа Принт базиран на синергија на одделните компании што ја сочинуваат групацијата на Медиа Принт Македонија. На крајот п��сака успешна реализација на целите поставени од страна на ОРКА ХОЛДИНГ како нов сопственик.
|