17.04.2012, 15:05 Филе: Политичарите да апелираат за мир и воздржаност
Тоа е приоритет број еден, потенцира еврокомесарот, и подвлече оти ЕК засега нема никакви информации оти оваа страшна случка има некакво етничко потекло
Убиството на пет лица во близина на скопската населба Радишани треба темелно да се испита и да се направи се за да не се влоши меѓуетничкиот соживот во земјата, изјави европскиот комесар за проширување Штефан Филе, коментирајќи ги најновите настани во Македонија и порача македонските политичари да апелираат за мир и воздржаност.
Тоа е приоритет број еден, потенцира еврокомесарот, и подвлече оти ЕК засега нема никакви информации оти оваа страшна случка има некакво етничко потекло.
Тој во изјава за чешката новинска агенција ЧТК, посочи дека Европската комисија веќе неколку недели со Македонија развива пристапен дијалог на највисоко ниво.
- Европската унија сака да постигне влезот на Македонија во ЕУ повторно да стане приоритет и да ги „избрише" националистичките слогани од првите страници на медиумите, вели Филе.
Потсети дека Европската комисија веќе неколку години препорачува Македонија да ги започне официјалните преговори за пристапување кон Унијата, но оти Европскиот совет засега не постигна консензус за ова прашање. Според еврокомесарот, на Македонија во нејзините реформи и недостасува институционалната рамка и силна европска поддршка.
|