17.04.2012, 12:48 Меѓународен конгрес за патописецот Евлија Челебија
Конгресот е насловен „Балканот на Евлија Челебија“, а домаќин е Македонската академија на науките и уметностите
Ѓорге Иванов е покровител и ќе се обрати на отворањето на тридневниот меѓународен конгрес посветен на 400 години од раѓањето на познатиот отомански патописец Евлија Челебија. Конгресот е насловен „Балканот на Евлија Челебија“, а домаќин е Македонската академија на науките и уметностите.
Од академска перспектива ќе се дискутира за карактерот на историските, општествените, културните и економските односи на Балканот. Најавено е учество на околу 80 истражувачи од Македонија и Турција, од балканските земји и од светот.
Конгресот е организиран од МАНУ и Центарот за цивилизациски студии при Универзитетот „Бахчешехир“ (МЕДАМ) од Турција, кој подготви сеопфатен проект насловен „Патник на цивилизацијата, Евлија Челебија“. Тој вклучува меѓународни изложби, трибини, тематски филм, детски филм, атлас на Евлија Челебија, книги и брошури на различни јазици за промоција на градови, земји и историски места посетени од Евлија Челебија.
Покрај конгресот, што ќе трае од денеска до петок, во МАНУ ќе биде отворена и изложба на тема „Еден отомански патописец“.
Претседателот Ѓорге Иванов минатата година во Париз учествуваше и на светскиот конгрес за јубилејот од раѓањето на Челебија, што беше во програмата на УНЕСКО за одбележување годишнини од светски значајни личности и настани.
|