17.04.2012, 13:38 Мекејлеб со признание за најдобар стрелец во Евролигата!
Македонскиот репрезентативен плејмејкер во дресот на Монтепаски Сиена имаше просек од 16,88 поени на 17-те средби на кои настапи во најсилното европско клупско кошаркарско натпреварување
Македонскиот кошаркарски репрезентативец и член на италијанскиот прволигаш Монтепаски, Лестер Бо Мекејлеб, е добитник на наградата „Алфонсо Форд“ наменета за најдобриот стрелец во кошаркарската Евролига.
Плејмејкерот на „банкарите“ од Сиена имаше просек од 16,88 поени на 17-те средби на кои настапи во најсилното европско клупско кошаркарско натпреварување. Мекејлеб имаше двоцифрен поентерски учинок на сите средби на кои настапи, а на четири од нив ја мина границата од 20 поени. Американецот со македонски пасош има и најдобар процент на уфрлени тројки, 52,6-отсто идентичен на тој на клупскиот колега Томас Рес. Тој е и на осмото место на најпрецизните за два поени во годинешното издание од Евролигата со 63,7-отстотна прецизност од поле.
Македонскиот репрезентативец е шестиот кошаркар, кој доаѓа до ова признание. Пред него до истото дојдоа Игор Ракочевиќ (2007, 2009, 2011), Линас Клеиза (2010), Марк Салиерс (2008), Дру Николас (2006) и првиот добитник Чарлс Смит (2005).
|