17.04.2012, 17:09 Македонскиот маркетинг-простор загуби врвен стручњак
Иван Пешев (1972 – 2012)
Си замина творецот на рекламите за пивото „златен даб“, „Купи куќа, купи стан“, како да се стане од мали нозе бизнисмен и мноштво други реклами кои се вртат по телевизиите. Во својата 39. година од животот, почина Иван Пешев, извршен и креативен директор на маркетинг-агенцијата „Република“. Македонскиот маркетинг-простор загуби врвен ПР-стручњак. Животот му го одзеде тешко заболување, кое и го затекна на работното место. За него се зборува дека е еден од ретките лица во рекламната дејност кој толку многу си ја сакал професијата, а кој беше толку анонимен за јавноста. Веројатно скромноста му била една од неговите доблести. Роднините и пријателите го карактеризираат како отворен, духовен и многу интелигентна личност, но ќе го паметат и како успешен сопруг и татко на три деца. Кариерата на Иван Пешев остави голем печат во создавањето и созревањето на рекламниот бизнис во Македонија, и во невладиниот сектор, а неговото прерано заминување претставува голема загуба и за општеството, затоа што на полето на оваа важна област во современиот маркетинг можат на прсти да се избројат вистинските експерти како што бил Иван, велат неговите соработници и пријатели.
За неговата фирма „Република“ се врзуваат многубројните реклами и кампањи кои биле изработени за промоција како на политичките партии така и за јавни претпријатија, и познати трговски брендови. Негов бренд и на агенцијата е „Златен даб“ на Прилепска пиварница, а заедно со креативниот тим на „Република“ имаат изработено реклами за претпријатија од разни профили, како „Водовод и канализација“, потоа „Катлановска бања“ „Пелистерка“, „Македонска пошта“, „ТТК мебел“.
Иако на Иван, како што велат другарите, првата љубов му била пишување сценарија за филмови, сепак тој од мали нозе пројавувал посебен интерес за рекламите, како се изработуваат тие и како да се продаде производот. Уште во гимназиските денови имал јасна визија дека еден ден ќе стане познат ПР- стручњак и дизајнер на реклами. Дел од своите знаења за маркетинг ги стекнал во Бугарија каде што и студирал. На маркетингот и на ПР-односите се посветил целиот свој живот.
Неговите почетоци како маркетинг-агент се во агенцијата „Овејшн“, а набргу потоа се префрлил во маркетинг-агенцијата „Идеја плус“. По искуството во оваа исто така реномирана агенција, Пешев ја создава својата агенција „Република“. За неговата прва самостојна кампања се смета онаа за претседателските избори во 2004 кога ја изработи политичката промоција на д-р Сашко Кедев за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. По неа следат најмалку стотина кампањи, а во поново време заедно со својот тим работеле на многубројни кампањи на Владата, како онаа за образование, за странски инвестиции, иновативност, за толерантност, за претприемништво, како и на пропаганда на повеќе државни претпријатија, како што е Агенцијата за електронски комуникации, Градски паркинг, Агенцијата за странски инвестиции. Негова идеја се и телевизиските реклами за Лотарија на Македонија, Макпетрол, Охридска банка, УНИЦЕФ, ЕЛЕМ...
Познат е и како добар бизнисмен, кој знаел солидно да раководи со агенцијата. Во 2007 година, Стопанската комора на Македонија го избра Иван Пешев за претприемач на годината и тоа во секторот за микробизниси. (Ј.Ј.)
|