23.07.2012, 14:36 Реконструкција на пет училишта и четири градинки во општина Карпош
Општина Карпош почна со реконструкција на четирите основни училишта на своја територија. Од темел се реконструира ОУ „Братство“, а наскоро ќе почне реконструкција и на преостанатите основни училишта „Владо Тасевски“, „Христијан Тодоровски - Карпош“, „Аврам Писевски“ и „Вера Циривири-Трена“.
- Реконструкцијата на „Братство“ ќе чини над 55 милини денари, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски.
Тој информира дека завршија и тендерите за реконструкција на најголемиот број училишта кои се уште не се реконструирани. Заврши електронската аукција за основното училиште „Христијан Тодоровски - Карпош“, чија реконструкција ќе чини над 20 милиони денари. Ќе се смени покривот, плафоните, ќе има нови прозорци, се менува фасадата, а таму каде има потреба ќе се сменат и тоалетите.
Се распишува тендер и за промена на комплетна инсталација за загревање, а ќе биде заменет и подот. Исто толку ќе чини и реконструкцијата на ОУ „Владо Тасевски“ каде ќе се заменат покривот, прозорците и фасадата и вкупното внатрешно уредување, како и начинот на затоплување.
Тука, нагласи Јакимовски, договорено е со ГАМА да се остави еден извод и ова училиште да се грее на гас, што ќе биде прв таков пример во Скопје, со алтернатива за греење и на нафта.
Заврши и аукцијата за промена на покривот и на фасадата на ОУ„Аврам Писевски“. Наддавањето за ОУ „Вера Циривири - Трена“ ќе заврши утре, како и за четирите градинки на територија на општина Карпош каде ќе се заменат покривите и делумно прозорците. Станува збор за градинките „Орце Николов“ во Карпош 3, „Пролет“ во Влае 1, „Пролет“ во Козле и „Расепана Младост“ во Карпош 1.
Јакимовски изрази надеж дека сите овие реконструкции ќе завршат до 1 септември и оти учениците на територија на општина Карпош ќе влезат во комплетно реновирани училишта.
Истовремено, нагласи тој, ќе отвориме и нови тендери за промена на начинот на загревање на училиштата бидејќи сметките од страна на АД „Топлификација“ се неиздржливи.
- Во овој момент општина Карпош и должи на „Топлификација“ за греење на училиштата речиси 50 милиони денари. Не можеме и натаму од општинскиот буџет да издвојуваме средства за зголемување на профитот на АД „Топлификација“. Онаму каде што успеавме да го замениме начинот на затоплување, веќе имаме заштеда во трошоците за ова намена од над 60 отсто. За таа цел од училиштата, онаму каде што може, ќе ги пренасочиме да се греат на гас, а онаму каде не може, на нафта, рече Јакимовски. |