25.07.2012, 12:21 Дрим тимот му одржа лекција на европскиот шампион
Американската репрезентација со убедлив триумф во Барселона над Шпанија од 100:78 ги заврши подготовките за Олимписките игри
Кошаркарската репрезентација на САД со убедлива победа од 100:78 синоќа во Барселона против домашната Шпанија, ги заврши подготовките за настапот на Олимписките игри каде важи за најголем фаворит за првото место.
Најефикасен играч во победничката репрезентација беше Кармело Ентони со 27 постигнати поени, а неговиот репрезентативен колега Леброн Џејмс реализира 25. Двоцифрен број поени имаше и Кевин Дјурант - 13.
Во поразената селекција По Гасол даде 19 поени, а Ибака имаше учинок од 16 коша. Третиот Шпанец со двоцифрен ефект беше Наваро кој даде 11 поени.
Натпреварот се одигра во арената „Сент Жорди“ пред повеќе од 16 илјади гледачи.
За САД ова беше петта победа во исто толку подготвителни натпревари пред почетокот на ОИ. „Дрим-тимот“ во изминатиов период освен Шпанија ги победи и Доминиканска Република, Бразил, Велика Британија и Аргентина.
|