23.07.2012, 15:55 Сан Антонио го посакува Мекејлеб
Спарси се сериозно заинтересирани за репрезентативниот бек, единствен проблем е обесштетувањето
Како што одминува времето, на адресата на Лестер Бо Мекејлеб пристигнуваат доста интересни понуди. Најновата доаѓа од НБА-тимот на Сан Антонио Спарс, кој е сериозно заинтересиран за услугите на нашиот репрезентативен бек. Стратегот на спарси, Грег Попович, гледа во Мекејлеб одлична замена за Тони Паркер во одреден период од натпреварите.
Но, евентуалниот трансфер на натурализираниот Македонец нема да се одвива едноставно.
Проблем за тимот од Тексас е клаузулата што Мекејлеб ја има во важечкиот договор со Монтепаски Сиена. Според неа, Американецот со македонски пасош ова лето не може да биде откупен од страна на клуб од НБА-лигата.
Сепак, не е се' така црно. Доколку Мекејлеб има желба својата кариера да ја продолжи во најсилната светска лига, ќе мора да направи голема финансиска жртва и отштетата да ја плати од свој џеб. Во спротивно му останува само една опција - Европа.
Откако челниците на Монтепаски Сиена пред неполни два месеца и официјално потврдија дека Мекејлеб нема да го носи дресот наредната сезона, брзо пристигнаа понуди од Реал Мадрид, Барселона, Уникс Казан и Фенербахче Улкер. Дел од нив најавија дека нема да штедат кога станува збор за услугите на нашиот репрезентативец и изразија подготвеност да ја платат сумата од еден милион евра на име отштета. (М.К.)
|