25.07.2012, 15:53 Петров: Граѓаните масовно се приклучуваат на „Работното лето“
Социјалдемократите ќе го продолжат проектот „Работно лето“ и во текот на август, септември и октомври,а следниот викенд, партијата се сели во Охрид. Како што најави денеска генералниот секретар,почнувајќи од петок, ќе ги посетат руралните делови на општина Дебарца, како и околните рурални населени места. Во сабота, на голем митинг во центарот на Охрид, ќе го промовираат нивниот кандидат за градоначалник, Александар Петрески.
Досега со проектот „Работно лето“, под мотото „Крени глас за иднината“ ги посетиле Струмица, Велес, Куманово, Штип, Прилеп, Крива Паланка, Богданци и Неготино.Остварени се преку 300 средби во овие градови и околните области и општини, и според проценките на СДСМ, заедно со митинзите досега вкупно се сретнале со преку 150.000 граѓани.
Според Петров, иако се соочуваат со притисоци, заканувања и уцени, граѓаните масовно се приклучија кон овој проект. Тој информираше дека поради илинденските празници, наредниот викенд на 4 и 5 август нема да има партиски активности. Петров изјави дека второто полувреме од работното лето го започнуваат на 19 август со посета на Крушево, на 26 август партијата се сели во Ресен, а на 2 септември ќе го посетат Кавадарци. Генералниот секретар на СДСМ истакна дека на 8 септември поради државниот празник нема да има партиски активности, а на 16 септември се продолжува во Битола. Големиот митинг во Скопје, СДСМ го закажа за 28 октомври. (П.Р)
|