23.07.2012, 21:45 (ОБНОВЕНО) Петмина тешко повредени во пожарот во Струмица
Тројца од нив во критична состојба вечерва се донесени во Градската болница во Скопје
ФОТО: Струмица Нет
Петмината потешко повредени при гаснењето на пожарот кај Струмица вечерва се донесени во Градската болница во Скопје. Тројца од нив се во критична состојба. Меѓу повредените е и 15-годишно момче со полесни изгореници.
Во посета на повредените се премиерот Никола Груевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и заменик министерот за здравство Јовица Андовски.
Според директорката на Градската болница Јасминка Чабуковска, има доволно капацитет за целосно згрижување и за евентуално нови случаи. Осуммината полесно повредени меѓу кои еден пожарникар и седум дечиња, се хоспитализирани во Струмичката болница на одделенијата за интерна медицина и хирургија.
Четири возила за брза помош дополнително пристигнаа од болниците во Радовиш и Валандово, превезувајќи ги тешко повредените за Скопје. Градоначалникот Зоран Заев, Министерот Зоран Коњановски и пратениците Васил Пишев и Панче Орцев се во струмичката болница и ја следат ситуацијата.
Пожарот што почна на пладне, во 12 часот, од небрежност, во местото Чамчифлик, зафати борова шума и малку смрека на околу 100 хектари, се прошири, но е изгаснат од дождот во 19 часот и 30 минути.
Лицата се повредени во моментот кога гасејќи пожар краткото невреме ги засили пламените јазици кои буквално ги опколиле повредените.
Огнената стихија ја зафати боровата шума над Струмица од улицата „Бошко Буха“ кон месноста викана Два пата. Краткотрајниот дожд не беше доволен да го угаси огнот, а најавеното невреме оневозможува интервенција од воздух.
|