23.07.2012, 14:56 Државата ќе им дава земјиште на социјалците
ФОТО: Киро Попов
Невработените лица кои примаат социјална помош од септември ќе може да аплицираат за користење државно земјоделско земјиште за период од пет години, без надомест. Во текот на првата година тие во целост ќе го добиваат и износот на социјалната помош, а втората 50 проценти од сумата. Првите две години државата ќе им ги плаќа и социјалните, пензиските и здравствените придонеси, бидејќи ќе треба да се регистрираат како индивидуални земјоделци.
Освен тоа, тие ќе можат да добиваат и државна помош за одгледување житни, индустриски и фуражни, како и градинарски култури.
Ова го предвидува владината Програма за плодоуживање што денеска ја презентираа министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика, Љупчо Димовски и Спиро Ристовски, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Златко Поповски. За таа цел потпишаа и меморандум за соработка.
„Оние кои ќе добијат земја на плодоуживање ќе може да аплицираат и за државна помош, и тоа во висина од 20.000 денари по хектар, но не повеќе од 120.000 вкупно, ако се работи за индустриска, фуражна или житна култура. За земјоделците кои ќе одгледуваат градинарски култури е предвидена помош во висина од 55.000 денари по хектар“, рече министерот Димовски.
Оваа недела во сите подрачни единици на министерствата за земјоделство и за труд и социјална политика ќе бидат објавени парцелите за кои ќе може да се аплицира. По ова ќе почне и кампања за промоција на Програмата, како и средби со заинтересираните за да се информираат за сите детали.
Според министерот Ристовски, со оваа мерка Владата сака да им овозможи на невработените - корисници на социјална помош, да се вклучат во системот на пазарот на труд.
„Во првата година тие ќе ја примаат во целост социјалната парична помош, а во втората година ќе им се исплаќа половината. Во првите две години државата ќе го плаќа социјалното, здравственото и пензиското осигурување“, рече Ристовски.
Директорот на Агенцијата за вработување, Златко Поповски, посочи дека откако ќе бидат познати корисниците на земјиштето, оваа институција со нив ќе потпише договор за исплаќање на помошта и на осигурувањето.
Инаку, вкупната површина која ќе се дава на плодоуживање изнесува 854 хектари земјиште, распоредено во 24 општини во земјава.
|