23.07.2012, 14:59 Скотланд Јард води истрага за корупција во „Дејли Мирор“ и „Дејли Експрес“
Скотланд Јард води истрага за давање поткуп поради добивање ексклузивни информации за правење новинарски текстови во лондонските новински компании „Тринити Мирор Груп“ и „Експрес Њузпејперс“, изјави денеска заменик комесарот на полицијата Сју Ејкерс.
Таа откри дека се испитуваат сознанија за тоа дека двајца висoки затворски функционери во Велика Британија имаат примено „десетици илјади фунти“ поткуп од овие две компании кои ги издаваат весниците „Дејли Мирор“, „Сандеј Мирор“ и „Пипл“, како и во „Дејли Експрес“ и „Сандеј Експрес“. Ова е првпат Скотланд Јард да покрене официјална истрага во две други весникарски компании, откако досега се испитуваа само состојбите околу потплатувањето во „Њуз Интернешенел“ и во нејзиниот весник „Сан“, најтиражниот во Велика Британија.
Според заменик комесарот Ејкерс, едниот од затворските функционери има примено 35 илјади фунти како поткуп, додека другиот 14 илјади фунти од компанијата „Тринити Мирор“. Оваа компанија досега категорично демантираше дека во своето работење се занимава со нечесни работи, инсистирајќи дека нејзините новинари делуваат согласно британските закони.
Полицијата засега не знае дали станува збор за неколку осамени случаи или примерите кои се истражуваат се само „врв од сантата“, но се верува дека, сепак, станува збор за „една широко распространета култура на однесување“ во британското новинарство.
Заменик комесарот на Скотланд Јард учествуваше денеска, по вторпат, како сведок во јавната истрага на судијата Левисон за состојбите во медиумите и посебно во лондонските весници.
Досега 702 лица кои веруваат дека била прислушувана говорната пошта на нивните мобилни телефони, се испрашани од полицијата. Вкупно 41 лице се уапсени во врска со истрагата за давање поткуп, меѓу кои се и 23 поранешни и сегашни новинари, четворица полициски функционери и деветмина функционери во јавниот сектор. Петнаесет сегашни и поранешни новинари се уапсени досега во истрагата за прислушување, поради која почна јавната истрага на Левисон, а седуммина се уапсени за ловење на компјутерската комуникација и електронските пораки.
Никој се уште не е формално обвинет и изведен на судење. |