24.07.2012, 23:24 Бан Ки-мун нема проблем со името Македонија
Генералниот секретар на Обединетите нации по доаѓањето во Охрид истакна дека уште како млад студент во Кореја учел за Македонија
„Уште како млад студент во Кореја учев за Македонија. Кога дојдов во САД и во Обединетите нации, повеќето од луѓето ми велеа Мацедониа и оттогаш велев Мацедониа. Оваа вечер претседателот Иванов ме потсети на нешто што одамна го имав научено – Македонија“.
Ова го истакна генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кој денеска, по пристигнувањето во Охрид, во вилата „Билјана“ имаше средба со студенти од Школата за млади лидери, која е под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов.
Генералниот секретар му се заблагодари на претседателот Иванов за неговото визионерство при востановувањето една таква институција како што е Школата за млади лидери.
Бан Ки-мун во земјава пристигна вечерва на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Првиот човек на светската организација на охридскиот аеродром го пречекаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски, заедно со посредникот на ОН во спорот за името со Грција Метју Нимиц, кој исто така денеска допатува во Македонија.
Делегацијата и високиот гостин веднаш се упатија кон резиденцијалната вила „Билјана“ каде што беа пречекани од претседателот Иванов.
Утре наутро ќе се одржи тет-а-тет средба Иванов – Ки-мун, по што е предвидена заедничка прес-конференција.
Генералниот секретар на ОН утре ќе ги разгледа и културно-историските знаменитости на Охрид. Ќе ги посети Плаошник, Галеријата на икони и црквите „Св. Богородица Перивлепта“ и „Св. Софија“, а во знак на сеќавање од претседателот Иванов на подарок ќе добие резба со историски мотиви.
За посетата на високиот гостин во Охрид преземени се посебни мерки - од естетски и од безбедносни причини. Отстранети се сите контејнери за отпадоци од сообраќајната траса низ градот каде е предвидено да минува делегацијата, лежечките полицајци, паркираните автомобили. Градските јавни служби изминатите неколку дена интензивно го расчистуваа и хортикултурно уредуваа градот, пред се централното градско подрачје.
|