23.07.2012, 12:24 Отворањето на Игрите ќе чини 36 милиони евра
Церемонијата е наречена „Остров на чудата“ и ќе почне в петок на 27 јули во симболичен термин во 20,12 часот
Свечено отворање на Летните олимписки игри во Лондон е наречена „Остров на чудата“ и ќе почне в петок на 27 јули во симболичен термин (20,12 часот) на Олимпискиот стадион. Организаторите соопштија дека целиот настан ќе чини 36 милиони евра. Се очекува да го проследат околу четири милијарди луѓе со посредство на малите екрани со кој Велика Британија сака да го засени отворањето на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година. Уметнички директор на церемонијата е британскиот режисер и продуцент Дени Бојл, авторот на филмовите „Трејнспотинг“, „28 дена подоцна“ и „Милионер од калта“, за чија режија во 2008 година ја доби наградата „Оскар“.
„Називот на церемонијата ’Остров на чудата’ би требало да укаже на раскошната креативност на Велика Британија и на непредвидливоста и инвентивноста на нејзиниот народ“, вели Бојл на „Дејли телеграф“.
Бојл открива дека за потребите на отворањето Олимпискиот стадион ќе биде претворен во „идиличен селски крај и дека гледачите ќе имаат можност да видат се' што впрочем претставува неговата суштина“. Иако се' уште е непознато како ќе изгледа церемонијата, се знае дека таа ќе трае три часа и во неа ќе учествуваат 15.000 волонтери.
Свеченоста ќе почне со огласување на народни ѕвона леани во леарницата „Вајтчапел Фаундри“. Компанијата влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстара британска фирма за производство на ѕвона од 16 век. По доаѓањето на кралицата Елизабета Втора на стадионот, поздравни говори ќе имаат претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, Жак Рог, и претседателот на Организацискиот одбор на Игрите, поранешниот британски атлетичар Себастијан Коу. Потоа ќе следи дефилето на спортисти од сите земји учеснички по азбучен ред. Според протоколот, и во чест на колепката на Игрите, во стадионот прва ќе продефилира репрезентацијата на Грција, а домаќините на Игрите, Британците, ќе влезат последни. По интонирањето на химната на Игрите и подигнувањето на олимпиското знаме и знамињата на државите учеснички, судија и тренер од домашната репрезентација ќе положат олимписка заклетва со која, во име на сите спортисти, ќе се обврзат на фер натпреварување.
Олимпискиот факел од рака на рака на спортистите ќе стигне до последниот, кој со него ќе го запали олимпискиот оган на стадионот. По традиција, тајна е кој ќе биде последниот носач на факелот и начинот на кој ќе биде запален оганот.
|