23.07.2012, 14:39 (ФОТО) Марко Блажевски е македонскиот знаменосец
Со скромни очекувања, но со искрени желби, четворицата македонски олимпијци беа претставени пред задутрешното заминување за Лондон
ФОТО: Петр Стојановски
Поведена од кубертновата девиза, Македонија ќе ја испрати својата скромна делегација на шестите олимписки игри, во сувереното постоење на земјата. Четворицата олимпијци денеска беа претставени во просториите на Македонскиот олимписки комитет (МОК) заедно со желбите за резултати, кои барем на државно ниво, ќе направат разлика од досегашната монотонија. Кристијан Ефремов, Христина Ристеска, Симона Маринова и Марко Блажевски ќе бидат нашите репрезенти на олимписката сцена, а пливачот Блажевски ја доби честа да биде македонски знаменосец на дефилето на свеченото отворање на Игрите.
„Се подготвував максимално во периодов пред Игрите. Мојата цел е да го урнам државниот рекорд во 400 метри мешано, единствената дисциплина во која ќе настапам. Со тој резултат би требало да обезбедам и норма за СП што ќе се одржи следната година“, изјави Блажевски кој во последните неколку месеци покажа дека неговата форма оди во нагорна линија.
Ништо поразлично од Блажевски и останатите тројца претставници на Македонија ќе бидат ако постигнат досега најдобри резултати во кариерите. „Сакам да го подобрам мојот личен резултат. Имавме добри подготовки последниве 10 дена во Охрид и мислам дека можам тоа да го остварам“, изјави Кристијан Ефремов, атлетичарот што ќе се натпреварува на 400 метри. Во истата дисциплина ќе не претставува и Христина Ристеска, додека пливачката Симона Маринова ќе го напаѓа личниот рекорд на 800 метри слободно.
Позитивните желби и очекувањата за успешен настап на олимпијците им посака и почесниот претседател на МОК, Васил Тупурковски со надеж дека на следните ОИ Македонија ќе испраќа многу побројна делегација. „Се надевам дека во иднина ќе имаме повеќе спортисти со остварени норми, а сега, од овие претставници очекуваме да ги остварат своите најдобри резултати“, порача Тупурковски.
Специјален гостин на претставувањето беше британскиот амбасадор во Македонија, Кристофер Ивон. „Горд сум што Велика Британија е домаќин на вака спектакуларен настан, а Лондон е првиот главен град во светот, што веќе трет пат ги организира Игрите. Одлично е што Македонја има четворица претставници, би сакал да им посакам се' најдобро во Лондон“, заврши амбасадорт Ивон.
Македонските спортисти задутре поаѓаат за британската престолнина, а в четврток, во олимпиското село гостин ќе им биде Претеседателот на Репблика Македонија, Ѓорѓе Ивнов. Веќе од утре во Лондон ќе биде и спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски кој ќе биде водач на нашата олимписка делегација. Ова е петта Олимпијада на која ќе биде развеано македонското знаме. На Игрите во Барселона, во 1992 година, нашите спортисти настапуваа под знамето на ИОК, како Независни олимписки учесници, бидејќи МОК се' уште не беше примен во меѓународното семејство. (В.А.)
|