23.07.2012, 12:10 Македонија ќе учествува на Саемот на книгата во Москва
Ќе бидат изложени 1.000 книги од поновата издавачка продукција во Македонија, но и околу 3.000 примероци брошури и рекламен материјал
Република Македонија ќе учествува на 25. Меѓународен саем на книгата што ќе се одржи од 5 до 10 септември во Москва, Руската Федерација. Организатор е книгоиздателството „Македонска реч“ од Скопје.
„Македонска реч“ подготвува посебна програма и со осмислен концепт ќе ја претстави македонската литература, култура, јазик и држава. Современата македонска литература ќе биде претставена преку одбрана и квалитетна уметничка литература од издавачката продукција во последниве три години, но и преку дела на македонски автори преведени на други јазици, првенствено на руски јазик.
За овој саем, „Македонска реч“ подготви специјален проект, а тоа е претставување на топ - 10 македонски романи на 21 век. Објави посебна публикација на руски јазик, во која се претставени десет романи со извадоци и податоци за нив и за нивните автори, а содржи и воведен осврт за македонската литература.
Како што информира „Македонска реч“, овој избор на најдобрата проза од поновата продукција на македонската литература се очекува да привлече внимание кај читателите од руското јазично подрачје, но истовремено избраните романи ќе им бидат понудени на издавачите и на застапниците на авторските права, за нивно преведување и објавување во странство.
Покрај современото литературно творештво и издаваштво, на Саемот во Москва посебно внимание ќе им биде посветено на публикациите кои ја презентираат Македонија, во прв ред на научната, монографската, историографската литература и на литературата за културната историја и културното наследство. Посебен тематски дел ќе им биде посветен на македонските цркви и манастири, на книжевната традиција во нив, односно на историјата на христијанството на територијата на Македонија. При претставувањето на културната историја посебно внимание, пак, ќе им биде посветено на културните и природните убавини на Охрид, како град и подрачје со исклучително богата историја и како град на УНЕСКО, значајни за целиот словенски свет, а кои традиционално се интересни за руската јазична, културна и научна средина.
На посебно подготвениот штанд, освен преку печатениот рекламен материјал и богатиот фонд на книги, континуирано ќе биде презентиран видеоматеријал за Македонија, а на 8 Септември – Денот на независноста, ќе биде организиран Ден на Република Македонија.
На Саемот во Москва ќе биде претставена најквалитетната и најрепрезентативната издавачка продукција, која ги афирмира македонската литература, култура, културно наследство и држава. Ќе бидат изложени 1.000 книги од поновата издавачка продукција во Македонија, но и околу 3.000 примероци брошури и рекламен материјал кои, пак, бесплатно ќе бидат поделени на штандот. Ќе доминираат книгите кои ја презентираат Македонија, односно монографските, научните и историографските книги.
Меѓународниот саем на книгата во Москва се одржува секоја година во почетокот на септември. Се вбројува меѓу осумте најголеми саеми на книгата во светот, а е најголем саем во Источна Европа и најголем саем во словенските земји. Спаѓа меѓу првите три саеми на книгата во светот според посетеноста. Традиционално, на овој саем во најголемиот славистички и словенски центар, на македонскиот штанд големо интересирање има за литературата за културната историја на Македонија. |