23.07.2012, 12:30 Мадона се уште користи оружје на концертите
Локалната полиција ја советувала „кралицата на попот“ во Единбург да не користи оружје како на претходните концерти
Американската поп пејачка Мадона, и покрај предупредувањето на полицијата да не користи оружје на концертите, во саботата вечерта настапила на стадионот „Марејфелд“ во Единбург, користејќи митралез и пиштол во текот на одредени нумери.
Локалната полиција ја советувала „кралицата на попот“ во престолнината на Шкотска да не користи оружје како на претходните концерти, вклучувајќи го и оној во лондонскиот Хајд парк.
Предупредувањата се упатени пред пукањето на премиерата на новиот филм за Бетмен, „Подемот на мрачниот витез“ во близина на Денвер, каде што загинаа 12 луѓе, а 59 беа ранети.
Во медиумите имало некои наводи дека полицијата ќе го прекине концертот, ако Мадона се оглуши на нивните предупредувања. Меѓутоа, полицијата не интервенирала, па поп – кралицата го одржала својот прв концерт во Шкотска без проблеми.
Ова не е првпат Мадона да предизвика контроверзи на својата актуелна турнеја „МДНА“. Претходно во Истанбул покажа голи гради, а на концертот во Тел Авив ја покажа видео снимката на која лидерката на францускиот Национален фронт, Марин Ле Пен е претставена со кукаст крст. |