23.07.2012, 16:35 „Синтези“ го посвети 28. број на Дејан Дуковски
Овој број на „Синтези“ донесува и избор поезија од неодамна починатата поетеса Светлана Христова-Јоциќ
Новиот, 28. број на списанието „Синтези“ му е посветен на Дејан Дуковски, најзначајниот современ македонски драмски автор. Воведниот, толкувачки текст за неговите драми од Јелена Лужина е со наслов „Многу бројки и некоја буква“, а во рубриката „Соочувања“ за Дуковски пишуваат режисерот Александар Поповски, во текстот „Хомер од моето Скопје“ и актерот Никола Ристановски во „Тие драми, негови ама и наши“. Објавена е и драмата „Галиео Галилеј“, како и исцрпни прилози со елементи на био-библиографија, театрографија и филмографија. Како што информираат од издавачката куќа „Дијалог“, блокот е збогатен со низа фотографии од сценските изведби на делата на Дејан Дуковски.
Овој број на „Синтези“ донесува и избор поезија од неодамна починатата поетеса Светлана Христова-Јоциќ, меѓу кои се и познатите наслови „Жена со илјада умирања“, „Вечниот живот на Светлана“ и „Ќе кренам љубовно востание“. Поетски, прозни и критичко-есеистички прилози објавуваат и авторите: Игор Исаковски, Трајче Кацаров, Влада Урошевиќ, Ристо Лазаров, Веле Смилевски, Ефтим Клетников, Маја Јакимовска-Тошиќ и Благоја Куновски. (К.Б.)
|