21.04.2012, 23:51 Фени Индустри не успеа да се пласира во финалето на БИБЛ лигата
Кавадарчани во првото полуфинале од Балканската регионална лига загубија од бугарскиот претставник Левски Софија со 86:76
Кошаркарите на Фени Индустри попладнево во првото полуфинале од Балканската регионална лига – БИБЛ се поразени од бугарскиот претставник Левски Софија со 86:76.
Тоа значеше крај на нивните желби за одбрана на шампионскиот трофеј освоен минатата сезона во ова натпреварување.
Победата на „фајнл фор“ турнирот кој се игра во Ган Нер, Израел, за бугарскиот тим е трета оваа сезона против македонскиот шампион.
Кавадарчани одиграа рамноправно три четвртини со водство во првата четвртина од пет поени, во третата и од седум, но финишот на третиот период и последната четвртина попуштија и на крајот загубија.
Иван Лилов со 20, Џарид Фрајд со 19 и Дарко Соколов со 17 поени беа најефикасните играчи кај Фени Индустри, додека најефикасен во победничкиот тим, воедно и на натпреварот беше Арон Харпер со 30 реализирани поени, Маркус Хал придодаде 18 поени во победата на Левски.
Вечерва се игра второто полуфинале меѓу домаќинот на турнирот, Галил Билбоа и вториот израелски претставник Хапоел Тел Авив. Финалето меѓу Левски и победникот од израелската пресметка ќе се одигра в понеделник.
|