23.04.2012, 11:52 Предавања на големиот руски уметник Виталиј Ком��р
Вечерва и утре во салата за предавања и проекции на Музејот на современа уметност со почеток во 19,30 часот, ќе се одржат две предавања на големиот руски уметник кој живее во Њујорк, Виталиј Комар
Тој ќе се осврне на повеќе значајни прашања кои се однесуваат на современата уметност, погледнати низ призмата на неговото долгогодишно творештво.
Предавањата на Виталиј Комар се дел од проектот насловен „Виталиј Комар: Слики... со свои зборови“, инициран и организиран од Владимир Јанчевски, на чија покана Виталиј Комар ќе престојува во Македонија во периодот од 21 до 26 април.
Виталиј Комар е роден во 1943 во Москва, а од 1978 година живее и работи во Њујорк. Дипломирал во Москва на Високата школа за уметност и дизајн (Строганов) во 1967 година. Тој е еден од основачите на „соц-арт“ движењето и еден од пионерите на т.н. мултистилистички постмодернизам, но и еден од главните протагонисти на сега веќе легендарната „Булдожерска изложба“, одржана во 1974 година. Со своето творештво се има претставено на најзначајните манифестации/изложби за современа уметност.
Предавањата ќе бидат на англиски јазик и ќе траат еден час, по што публиката ќе има можност да поставува прашања и да поразговара со гостинот. Проектот се реализира во соработка со Центарот за визуелни студии - Скопје, со поддршка на Музејот на современата уметност. (Т.И.)
|