26.04.2012, 14:58 „Балканска приказна“ во Куршумли ан
Отворена изложба на фотографии од фотографи од Скопје, Атина, Белград, Призрен и Тирана
„Балканска приказна“ е насловот на изложбата на фотографии отворена во Куршумли ан, во Старата скопска чаршија, на која се презентирани селектирани споменици од периодот на Османлиската Империја на Балканот, од 14 до 19 век. Организатор е Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој -ЦеПроСАРД, а автори на фотографиите на богатото, но честопати запоставено културно наследство, се петмина наградувани фотографи од Скопје, Атина, Белград, Призрен и Тирана.
Иван Блажев е фотографот од Скопје, а изложбата завчеравечер истовремено беше отворена во Солун, а претходно имаа можност да ја видат и граѓаните на Атина. Таа ќе го продолжи патувањето во Призрен, Белград, Тирана, Берлин и Брисел, но и во други градови на Балканот и во Европа. На нејзиното отворање во Скопје премиерно беше прикажан и 27-минутен документарен филм.
Овој мултимедиски проект базиран на изложба на 50 специјално нарачани фотографии од муслимански, христијански и од еврејски споменици на Балканот има цел да го стимулира јавниот дискурс за историјата на Балканот, да го промовира чувството на заедничка историја врз основа на верски и етнички соживот и да придонесе за промоција и зачувување на културното наследство. Вклучува и едукативни програми со историски прошетки и со фотонатпревари наменети за деца од училишна возраст и за возрасни. Раководителката на проектот Ивана Петкановска е задоволна од досегашната соработка со партнерите од сите земји, а нагласи дека изложбата привлече големо внимание кај основните и средните училишта кои организирано ќе ја посетат до затворањето на 9 мај.
„Балканска приказна“ е проект на институтот Гете, кој е реализиран со финансиска помош од Европската унија. Во него партнерски учествуваат повеќе од десет невладини и владини организации, во соработка со тим од историчари предводени од проф. Христина Кулури од Универзитетот за социјални и политички науки „Пантеон“ од Атина. Изложбата е отворена секој ден од 9 до 17 часот. (К.Б.)
|