26.04.2012, 13:28 Храбри гостиварци спасија давеник во Вардар
Вистинска спасувачка драма се случуваше вчеравечер во Гостивар пред многубројни очевидци
Киро Кипроски
Гостивар - Вистинска драма се случуваше вчеравечер во водите на реката Вардар во Гостивар. Неколкумина жители на градот скокнаа во брзите и студени води на реката и успеаја да му го спасат животот на 31-годишниот давеник Сејди Мустафаи од гостиварското село Долна Бањица. Очевидците, кои од Кејот на реката со вознемиреност го чекаа исходот од спасувачката драма во студените и брзи води, велат дека спасувачите покажале огромна храброст и хуманост за да го спасат животот на давеникот. Но, најтешко им било кога беспомошниот маж кој бил извлечен од водата, почнал очајнички да ги преколнува зошто го спасиле, кога сакал да си го одземе животот. Ова не бил прв обид на Мустафаи да посегне по својот живот. Тој пред неколку години се обидел да си го одземе животот на��есувајќи со убоди со нож во стомакот, но навреме бил спасен.
Спасувачката драма се случуваше вчера околу 19 часот на спротивната страна од салонот за мебел „Монтенегро“, кај мостот за пешаци. Еден од храбрите спасувачи во тој момент со уште еден пријател поминувал со мотор во близина на Основниот суд во Гостивар.
„Во еден момент со пријателот се вчудоневидовме кога од металната ограда на мостот, во водите на реката скокна непознато лице. Со моторот свртев по улицата на Кејот и кај мостот во непосредна близина на салонот за мебел „Монтенегро“, слегов од моторот и влегов во водата за да го спасам давеникот. Водите беа брзи и студени и во спасувањето учествуваа уште неколкумина случајни минувачи. Двајца влегоа во Вардар, а неколкумина ни помогнаа да го извлечеме од коритото“, раскажува Бранислав Тофиловски.
Со приватно возило давеникот Сејди веднаш го бил однесен во гостиварската болница, каде му била укажана лекарска помош и е префрлен на лекување во скопските клиники. Гостиварските лекари констатирале неколку повреди на телото кои ги добил од скокањето во реката, меѓутоа, немал повреди од насилство. Во спасувањето на давеникот учествувал и 35-годишен полициски службеник, кој не бил на работа.
Според изјавата на татко му на Сејди, што ја дал пред истражните органи, неговиот син веќе десетина години имал психички проблеми, а бил подложен и на метадонска терапија. Неговата психичка состојба уште повеќе се влошила по смртта на неговата мајка.Сејди пред три-четири години се обидел да се самоубие. Со нож си нанел неколку боди во пределот на стомакот, но навреме бил спасен неговиот живот.
Во Гостивар минатата година имаше неколку несреќни случаи во реката Вардар, но и неколку случаи на успешно спасување на давеници од студените и брзи води на реката која минува низ градот.
|