27.04.2012, 15:24 „Ромео и Јулија“ за отворање на „Охридско лето“
Изборот и подготовката на програмата и годинава е на досегашните селектори на Фестивалот, Гордана Јосифова Неделковска и Ѓорѓи Јолевски
Охрид - Годинешното „Охридско лето“, ќе биде отворено во традиционалниот термин, на 12 јули на атрактивната сцена во Античкиот театар, со театарскиот ораториум ,,Ромео и Јулија“ како спој на музичко - сценските уметности - театар, опера, балет и музика. Новиот директор на фестивалот, Елизабета Јанкуловска на денешната прес конференција во Охрид потенцираше дека годинава, со новиот тим и вработените во установата, ќе биде докажана големината, токму на ова 52. издание на Фестивалот, со кое ќе блесне во најдобра светлина. „Охридско лето“ успешно го одржува чекорот со европските и светските културни токови и се вбрјува во елитата на најголемите и најзначајни фестивали во светот.
Сценскиот спектакл од отворањето на Летото е во режија на Дејан Пројковски и во продукција на „Охридско лето“, на Народен театар Битола и на Македонската опера и балет, а во копродукција со Театарот „Вера Комисаржевска“ од Санкт Петербург, Русија и Народниот театар од Охрид . Режисерот Дејан Пројкоски за „Ромео и Јулија“ според Шекспир, вели дека е големо дело, провокација за останатите уметности.
„Ова преставува обединување на операта, балетот и драмата, на се она што е програмска содржина на ’Охридско лето’. Спој кој зборува за љубовта и човековото трагање по неа. Ќе видиме актери со европско реноме и врвна акробатика“, изјави Пројкоски
За културната понуда во текот на 40-те фестивалски денови се најавува богата уметничка програма со настани од областа на музичката и театарската уметност, како и гостувања на светски познати уметници.
„Фестивалот „Охридско лето’ 2012 ќе биде посветен на уметниците и уметничките вредности. Предвидено е одржување на прекрасни настани, врвни уметнички содржини од областа на музиката, театарот, оперската и балетската уметност, како и ,,ОФФ програма“, почитувајќи ги заложбите за презентирање на најквалитетни уметнички остварувања, презентирање на високо ниво на програмски содржини и ексклузивни уметници од светот, со кои најдостоинствено ќе го одбележиме 52-то издание на Фестивалот“, рече директорката Јанкуловска.
Изборот и подготовката на програмата и годинава е на досегашните селектори на Фестивалот, на Гордана Јосифова Неделковска одговорна за музичкиот, на и Ѓорѓи Јолевски, одговорен за драмскиот дел. Драмскиот селектор Јолески потенцираше дека по 12 години, театарот ќе го отвори фестивалот.
„Мултимедијалниот проект ќе ги оправда возбудата и очекувањата да имаме спектакуларно отварање“, напомена тој. (В.М.)
|