29.04.2012, 17:56 Каде се загуби синдикатот
Синдикатите по правило се природни сојузници со левите партии, но само додека се тие опозиција
Маја Томиќ
На која страна треба да се наклонети синдикатите, лево или десно. Поточно, дали треба да се во сојузништво со опозициски партии или со тие што се на власт? Сите политички партии ги сакаат синдикатите за сојузник кога се во опозиција, а кога ќе дојдат на власт, партнерството се растура. Иако секоја земја е пример за себе, според некое непишано правило, синдикатите секогаш се наклонети на левоориентираните, односно социјалдемократските партии.
„Во принцип, синдикатите се врзуваат со левите партии затоа што во нив гледаат сојузници во борбата за остварување на поголеми работнички права. Но, за жал, во досегашната практика, во секоја земја, посебно во поранешните социјалистички државни, се покажа дека откако левите ќе дојдат на власт, таа соработка прекинува“, вели долгогодишен синдикалец. Тој додава дека нашиот Сојуз на синдикати на Македонија е дефинирана како невладина и непартиска организација, што автоматски би требало да значи дека не треба да се приклонува кон ниту една партија или влада. „Соработка во интерес на работниците - да, сојузништво - не, вели тој “.
За разлика од кај нас, многу синдикати во повеќе западни демократии се во отворено сојузништво со лево ориентирани партии кои често и ги финансираат синдикатите кои, пак, во време на изборни кампањи масовно лобираат во нивни интерес. Таков познат пример има во Грција каде ПAСОК е во сојузништво со синдикатот во јавниот сектор кој брои два милиона членови.
Како е кај нас? Сегашната постава во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) се конституира пред две години и до сега нема ниту генерален штрајк, ниту протест, ниту јавно искажано незадоволство од постапките на Владата, секако кога станува збор за економско социјалните закони. Што посакала Владата до сега тоа го остварила во законската сфера. Синдикатите тоа или го поддржуваат или го премолчуваат. Реакции и неосгласувања нема. Со еден збор, соработката меѓу нив тече беспрекорно.
Лидерот на ССМ, Живко Митревски, лани пролетта, неколку дена пред изборите, заедно со претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати и на Унијата на независни и автономни синдикати имаше средба со премиерот Никола Груевски за донесувањето на мининалната плата. Јавноста тоа го сфати како чисто лобирање на ССМ кај членството да гласа на изборите за ВМРО-ДПМНЕ. Митревски негираше. Велеше дека е важно што се сретнале со премиерот и зборувале за суштински работи, а случајно се погодил моментот пред избори. Или со други зборови, на Митревски уште пред неговото поставување на чело на ССМ му се препишуваше сојузништво со ВМРО-ДПМНЕ. А, на неговиот претходник, Ванчо Муратовски, му се лепеше етикета дека е наклонет кон тогашната партија на власт, СДСМ. Најмногу затоа што тој пред изборите во 2002 година, му даде јавна поддршка на економскиот дел од програмата на СДСМ, по што следуваше и потпишување на социјален договор, кој остана само како парче хартија.
Ако целта на секоја власт е да си постави свој човек во синдикалната фотелја и во него да има сојузник заради мир во државата и немање социјални тензии, тоа дефинитивно е постигнато денес во Македонија. Двата социјални партнера, Владата и Синдикатот не го кријат задоволството од добрата соработка. Дијалогот меѓу ССМ и Министерството за труд и социјала тече речиси беспрекорно. Двете страни се согласни дека не е добра положбата на работниците, дека требаат нови работни места, повеќе инвестиции и поголеми плати..., а состојбите никако да тргнат кон подобро. Сепак, она што со години на Муратовски никако не му успеваше, да остварува средби со владини претставници, уште помалку со премиери, на Митревски му оди од рака. Врвот на соработката меѓу ССМ и Владата беше крунисан со донесувањето на минималната плата, нешто што на ниеден претходник на Митревски не му успеа во изминатите две децении.
Во државава гори од социјални незадоволства, невработени има 280 илјади, на работа се чека по 8 и повеќе години, нема странски инвестиции, платите доцнат, 80 отсто од сите вработени примаат до просекот од 200 евра и не можат да преживеат, цените постојано одат угоре и животниот стандард е веќе под дното, постојано се кратат работните права со секоја измена во ЗРО...
Синдикатот цени дека нема причина за штрајк. И со последното драстично кинење на правата, кога Владата реши на лицата- технолошки вишок да им дава надомест до пензија само 18 месеци, наместо 5 години, само Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство излезе на протести пред Собранието. Другите членки на ССМ, како и претседалот Митревски, не излегоа во јавноста ниту со изјава.
Додека во цел свет на 1 мај се организираат протести или масовни штрајкови за подобри или поголеми права на работниците, кај нас Синдикатот го одбележува тој ден со прес-конференции. Оваа година ССМ ќе одржи конференција на која ќе ја промовира кампањата за донесување на Закон за мобинг. Лани на истиот празник се промовираше кампањата за минимална плата, а ССМ доби честитка-поздравно писмо од претседателот Ѓорге Иванов. А на 1 мај 2010 година на плоштадот „Македонија“ празникот на трудот беше одбележан со доброволно собирање на потписи од граѓаните, односно се' потпишуваа пристапници за членство во Синдикатот.
СДСМ: Синдикатот е во калапот на Владата
Цветанка Иванова од СДСМ, која е претседателка на собраниската комисија за труд и социјална политика, вели дека во изминатиот период власта постојано се обидува да го стави под свое влијание Синдикатот, а доказ дека во тоа успева, според неа, се млаките реакции на претставниците на работниците на континуираното кратење на работничките права. Кога пред неколку месеци се носеа нови измени на Законот за работни односи, со кои драстично се скратија и правата на работниците при прогласување технолошки вишок, Синдикатот, како што вели Иванова, се огласил само со писмо.
„Со пишување писма не може да се одбранат права кои грубо се кршат“, вели Иванова.
Без реакција од Синдикатот, објаснува таа, поминала и интервенцијата во законот со која се воведуваат рестрикции во делот на боледувањата, а сега кога Владата, преку измени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, предлага намалување на основицата на пензиите за идните пензионери, синдикалците повторно не се огласуваат. Тие, иако биле поканети, не испратиле претставник на седницата на собраниската комисија за труд и социјална политика, на која се расправаше за овие законски измени.
„Ова покажува дека Синдикатот функционира под силно влијание на Владата, наместо да ги штити правата на работниците, во период кога тие грубо се кршат“, вели Иванова.
Таа додава дека Владата и Министерството за транспорт и врски, со неколку измени во Законот за работни односи, во делот на синдикалното дејствување, го ставиле под контрола раководството на Синдикатот. Синдикалните претставници не се јавиле со поддршка ниту за повеќето закони што се однесуваат на работниците, а кои СДСМ, како левичарска партија во чија идеологија е и заштитата на работничките права, ги предложи во изминатиот период. Тие законски предлози не поминаа во парламентот, бидејќи опозицијата беше надгласана од мнозинството. Иванова, сепак, верува дека работничкото движење во Македонија, ќе се сврти кон социјалдемократијата, како идеолошка средина во која природно припаѓа.
„Синдикатот, сепак, го сочинуваат работниците, а не раководството. Мислам дека работниците нема да можат уште долго да ја поднесуваат оваа ситуација во која нивните права постојано се кратат, а оние кои треба да ги штитат тие права не реагираат.“, вели Иванова. (А.М.М.)
|