04.07.2012, 15:43 Едно лице загина во сообраќајка во тетовско Стенче
Едно лице загина, а едно е тешко повредено во сообраќајна несреќа што утринава се случи во близина на таканаречениот Стенечки мост во тетовското село Стенче.
Како што информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, патничко моторно возило марка „мерцедес Е-класа“ со германски регистерски таблички, од засега неутврдени причини и во целосно нерасветлени околности, пред селскиот мост излетало од коловозот и завршило во водите на реката, превртено на покривот.
Сообраќајната несреќа била пријавена во Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај-Тетово денеска околу 8 часот.
- Возачот Е.Р (36) од Голема Речица се здобил со сериозни повреди од кои починал на самото место, додека совозачот Б.А (21) од истото место, кој подоцна бил извлечен од возилото во неконтактибилна состојба, но со знаци на живот, пренесен е во Тетовската клиничка болница. Извршен е увид со учество на екипа од СВР Тетово, истражен судија и јавен обвинител. Возилото е извлечено и донесено во СВР Тетово, додека по наредба на истражен судија врз телото на Е.Р ќе се изврши обдукција, изјави Јосифовски.
Полициските податоци покажуваат дека во Тетовско минатата година имало 67 сообраќајни несреќи во кои биле вклучени возила со странски регистарски таблички и освен материјалната штета, едно лице го загубило животот.
Годинава на овој пат се случиле 11 сообраќајни несреќи, од кои две со тешки и четири со лесни последици. Лани имало вкупно 27 несреќи, а три лица биле тешко повредени.
|