04.07.2012, 13:55 (ФОТО) Европскиот Парламент ја отфрли АКТА
Европратениците со големо мнозинство гласаа „против“ спогодбата, која според многумина претставува закана за слободата на Интернетот
Европскиот парламент ја отфрли меѓународната Спогодба за борба против фалсификатите АКТА (Anti Counterfeiting Trade Agreement ACTA). Европратениците со големо мнозинство гласаа „против“ спогодбата, која според многумина претставува закана за слободата на Интернетот. По отфрлањето на АКТА од страна на ЕП, овој документ не може да стапи во сила во Европската унија. Европската комисија пред гласањето ги повика европските пратеници да не ја отфрлаат меѓународната спогодба за борба против фалсификатите.
- Ништо во тој текст не може да претставува закана. АКТА не е ограничување на нашите слободи, туку заштита на нашиот начин на живот, рече еврокомесарот за троговија Карел Де Гухт за врема на вчерашната дебата во ЕП во Стразбур.
- Гласањето против АКТА ќе и наштети на заштитата на интелектуалната сопственост во целиот свет, додаде тој и нагласи дека не постои алтернативен проект, кој на кус рок може да ја замени АКТА.
Оспоруваниот текст, според неговите поддржувачи има за цел да се бори против фалсификаторите во широка смисла на зборот - од лекарства и други стоки до незаконско симнување на фалјови од Интернет.
Пет комисии на ЕП изминатите недели гласаа против неа. Левицата, зелените и повеќето либерали го потенцира „опасниот карактер“ на текстот, на пример поради тоа што би им се овозможувало на Интернет провајдерите, со образложение дека станува збор за случаи на борба против нелегално симнување на фајлови, да им даваат на надлежните државни органи АјПи адреси на осомничените Интернет корисници.
- Не е работата Интернет провајдерите да станат Интернет полиција, тоа е многу опасно, изјави извештувачот за текстот, британскиот лабурист Дејвид Мартин, кој повика да се отфрли спогодбата.
АКТА беше потпишана на 26 јануари во Токио од 22 од 27-те земји членки на ЕУ, како и од САД, Јапонија, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Сингапур, Јужна Кореја, Швајцарија, Мексико и Мароко.
|