05.07.2012, 16:21 Над 8.000 публика се очекува на концертот на „Дјуран, Дјуран“
Светската музичка атракција ќе настапи утревечер на скопско Кале
Над 8.000 посетители се очекуваат на концертот на светската музичка атракција „Дјуран, Дјуран“, кој ќе се одржи утревечер (7 јули), со почеток во 20,30 часот, на скопско Кале, во организација на „Авалон продукција“. „Очекуваме публика не само од Македонија, туку и од Србија, Бугарија, Албанија и Косово. Во почетокот мислевме дека ова ќе биде концерт со малку повозрасна публика, но сите извештаи покажуваат дека ’Дјуран, Дјуран’ имаат и тинејџерска публика во Македонија, што е многу интересно“, изјави Денис Илиоски од „Авалон продукција“ на вчерашната прес- конференција во киното „Фросина“.
Организаторите упатија апел до фановите на легендарната група да дојдат навреме, пред почетокот на концертот во 20,30 часот и да имаат предвид дека автомобилите треба да ги паркираат подалеку, со оглед на фактот што улицата покрај Кале, „Самоилова“, ќе биде затворена за сообраќај.
Македонска поддршка за „Дјуран, Дјуран“ ќе бидат момците од „Нокаут“, кои ќе ја загреваат публиката со едночасовна свирка. На вчерашниот прес, Пере и Франц од „Нокаут“ уште еднаш го истакнаа задоволството што изборот да настапат пред легендите падна токму на нив и најавија изведба на нивните хитови со изменети аранжмани. На прашањето дали ќе преработат и изведат нешто од „Дјуран, Дјуран“, Пере одговори дека е малку незгодно пред нив да се свири нешто од нивниот репертоар. Патем, „Нокаут“ наскоро ќе издаде и нов сингл, „Ла вита е бела“, кој ќе биде и најава за нивниот нов албум наесен.
„Дјуран, Дјуран“ е една од најпопуларните и најпродавани групи во светот, која е формирана во 1978 година, а својата најголема популарност ја доживеа во осумдесеттите години. Имаат продадено преку 70 милиони плочи, а во изминатите три децении работат континуирано без пад во својата кариера. Ова е нивно прво гостување во Македонија. (К.Ш.) |