10.07.2012, 09:18 Уставниот суд го потврди отстранувањето на Трајан Басеску
Уставниот суд на Романија го потврди синоќа отстранувањето од власт на претседателот Трајан Басеску, изгласано минатиот петок од парламентот, и го назначи за времен шеф на државата лидерот на владејачката левоцентристичка коалиција Крин Антонеску.
- Судот констатира дека процедурата за прекин на надлежностите на претседателот Трајан Басеску е испочитувана. Должноста претседател времено ќе ја извршува Крин Антонеску, гласи решението на судот.
Уставниот суд, меѓутоа, го оцени како неуставен законот кој ги ограничува неговите надлежности за контрола над одлуките на парламентот.
Романскиот парламент со големо мнозинство во петокот изгласа отстранување од власт на претседателот Басеску, што треба да биде подложено на референдум на 29 јули. Претстои денеска судот да се произнесе по закон, кој ги менува условите за валидност на референдумот. |