12.07.2012, 13:54 Вкупно 54 станбени објекти ќе ги обноват фасадите
Вкупно 54 станбени заедници поднесоа апликации за проектот „Енергетско-ефикасни домови“, што општина Центар го спроведува заедно со невладината организација „Хабитат Македонија“. Преку овој проект постарите станбени згради од општината имаат можност да ги обноват старите фасади.
- Идејата е финансиски да им се помогне на најоштетените згради да го променат својот изглед и функционалност. Со тоа ќе го подобриме квалитетот на живеење на станарите во однос на штедење на електрична енергија, а со тоа и штедење пари. За таа цел, општина Центар од општинската каса издвои 30 милиони денари, информира општина Центар.
Со овој проект општина Центар ќе им овозможи на граѓаните да ги подобрат своите услови на домување, во смисла на заштеда на енергија, намалени трошоци, намалување на загубата на топлинска енергија и заштита на животната средина.
Еден од условите за аплицирање на проектот беше и 70 отсто од станарите во зградите заинтересирани за реконструкција на термичка фасада, да се согласат да ги променат балконските врати и прозорци.
Во наредната фаза, општина Центар ќе изврши рангирање на сите пристигнати апликации, по што највисоко рангираните згради ќе бидат известени за извршениот избор од страна на општината.
Со проектот не е планирано да се променува надворешниот изглед на зградите. Тие ќе го задржат својот автентичен надворешен облик, освежен со нови бои.
|