12.07.2012, 20:44 Ќе нема награда „Киро Глигоров“
Нема да се установи нова државна награда во чест на првиот претседател Киро Глигоров, која, како што предлагаше СДСМ, би се доделувала на 8 Септември за посветеност на развојот на самостојноста, независноста, мултиетничноста и мултикултурноста и на меѓународната афирмација на Македонија. Мнозинството во парламентот, денеска доцна попладне, констатираше дека опозицискиот предлог не е прифатлив и дека нема да оди на второ читање.
Собраниската расправа за овој предлог прерасна во жестока конфронтација меѓу мнозинството и опозицијата за тоа кој ја ревидира историјата и кој создава поделби меѓу граѓаните. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, овој пат на отворена сцена, искажаа резерва за ликот и делото на првиот претседател на независна Македонија, кој беше на функцијата во два мандати и чии политики ја обележаа првата деценија по осамостојувањето. Во нивните дискусии доминираше ставот дека прво треба да се процени важноста на Глигоров во историјата на Македонија и на македонскиот народ, а потоа да се додели државна награда со негово име. Според владејачките пратеници, потребна е временска дистанца, за експертите и историчарите да го кажат својот став, бидејќи, како што рекоа, голем дел од граѓаните на Македонија се' уште имаат дилеми околу неговата улога.
„Нема ништо поприродно од тоа 8 Септември да се додели награда ’Киро Глигоров’. Зар Глигоров не го заслужува тоа. Која беше заслугата на Симеон Радев, бугарскиот министер кој во Букурешт 1913 ја потпиша поделбата на Македонија, за да му изградите споменик“, им се обрати пратеничката на СДСМ, Весна Бендевска, на колегите од ВМРО-ДПМНЕ.
|