11.07.2012, 13:07 Летаа покриви на училишта, градинки и домови во Штип
Силно невреме го зафати градот, кое траеше неколку часа и предизвика големи штети
Штип - Оркански силен ветер го зафати Штип синоќа околу 20 часот. Силниот ветер проследен со пороен дожд кој траеше околу три часа направи големи штети на многу згради во градот и предизвика триесеттина поголеми прекини на електричната енергија.
Ветерот откорна поголем дел од покривот на текстилното училиште во делот во кој работи Медицинскиот факултет при УГД. Тоа е истиот покрив кој пред четири години беше однесен исто така од силен ветер што беше причина на местото на настанот да дојде тогашниот министер за образование Никола Тодоров. Сериозни оштетувања претрпе и покривот на гимназијата „Славчо Стојменски“, на клонот на детската градинка „Вера Циривири Трена“ во центарот на градот а настрада и покривот на ООУ „Ванчо Прќе“.
Низ градот имаше многу искршени гранки и паднати стебла. Во повеќе штипски домови од лимови кои летаа од тераси и од керамиди на блиски куќи беа испокршени поголем број прозорци. Во целата оваа состојба добро е тоа што немаше настрадани.
Мора да им се упатат пофалби на екипите на јавните претпријатија Исар и Штип проект чии екипи излегоа на терен во ноќта веднаш откако престана силниот ветер и обилниот дожд. Екипите работеа и вчера, рано наутро, па Штип немаше никакви пречки во нормалното функционирање освен во деловите во кои екипите на ЕВН ги отстрануваа пречките во снабдувањето со електрична енергија. (И.Б.)
|