12.07.2012, 12:03 ФИФА призна корупција, Авеланж и Тешеира примале поткуп
Според документите, Авеланж има примено 1,5 милиони швајцарски франци, додека членот на Извршниот комитет Тешеира, делегат на бразилската фудбалска федерација, примил 12,7 милиони франци
Поранешниот претседател на ФИФА, Бразилецот Жоао Авеланж, примал големи парични износи, како поткуп, од сега пропаднатата маркетиншка компанија ИСЛ, открива Би-Би-Си, повикувајќи се на официјалните документи што ги објави швајцарското јавно обвинителство.
Според документите, Авеланж има примено 1,5 милиони швајцарски франци, додека членот на Извршниот комитет Рикардо Тешеира, делегат на бразилската фудбалска федерација, примил 12,7 милиони франци. Во извештајот на Обвинителството на Швајцарија, за примање поткуп, се именувани и посочени само овие двајца поранешни функционери.
Податоците станаа достапни за јавноста, откако Врховниот суд на Швајцарија нареди објавување на документите што откриваат кои функционери, во „куќата на фудбалот“ во Цирих, биле исплаќани од маркетиншката компанија. Фирмата ИСЛ, чие седиште беше во Швајцарија, банкротираше во 2001 година.
Исплатата на паричните износи од фирмата, за Авеланж и за Тешеира биле давани во текот на деведесетите години на 20. век. Комерцијалните исплати, што сега се означува како комерцијален поткуп, во тоа време, во швајцарското правосудство не беа третирани како кривично дело.
Жоао Авеланж беше 24 години претседател на ФИФА, до 1998 година, кога го наследи Сеп Блатер. Поранешниот претседател кој сега има 96 години и нарушено здравје, живее во Рио де Жанеиро. Во декември минатата година, поднесе оставка на функцијата член на Меѓународниот олимписки комитет, после 48 години работа во МОК, од „здравствени прицини“.
Рикардо Тешеира беше претседател на бразилската фудбалска организација и член на организациониот комитет на светското фудбалско првенство, што ќе се одржи во Бразил во 2014 година, но поднесе оставки и на двете функции. Тешеира порано му беше и зет на Авеланж.
|