10.07.2012, 16:59 Олимпиското злато следна цел на Федерер
Швајцарскиот тенисер се надева на уникатен вимблдонско-олимписки двоен триумф во период од четири недели
Откако го обезбеди седмиот трофеј на најпрестижниот тениски турнир во светот, Роже Федерер замина на еднонеделен одмор по кој ќе се врати во Лондон за да го комплетира тоа за кое тој се надева дека ќе биде уникатен вимблдонско-олимписки двоен триумф во „Ол Инлганд клаб“. Во моментот кога Лондон ја доби организацијата на Игрите пред седум години Федерер го внесе датумот во електронскиот дневник на својот телефон, знаејќи дека тоа е можност што се укажува еднаш во животот да се освојат два трофеја во период од четири седмици во домот на тенисот. Тогаш петкратниот гренд-слем шампион тешко дека помислил оти во јули 2012 година тој ќе има 17 трофеи од турнирите на големата четворка, дека ќе биде на врвот на АТП-листата рекордни 286 седмици и оти ќе урне толку многу рекорди. Во таа бескрајна листа на неверојатни достигнувања недостига едно. Книгата со наслов „Патот на Роже Федерер до олимписката слава во сингл“ допрва треба да биде завршена, бидејќи швајцарскиот маестро имаше три обида да го напише тој мемоар, но постојано го прекинуваше поради отсуството на среќен крај на сказната“.
„Навистина верувам дека во мојот случај таа мала ѕвездичка е следна на ред. Сега олимпиското злато е мојот сон“, освежениот Федерер им изјави на малата група репортери во понеделникот, иако имаше отспиено само неколку часа откако го победи Енди Мари и го израмни рекордот на Пит Сампрас од седум триумфи на Вимблдон. „Сега сум шампион на Вимблдон, што ми дава уште поголема самодоверба во пресрет на Олимпијадата, бидејќи веќе победив на Вимблдон годинава. Секако дека имам голем мотив поврзан со настапот на годинашната Олимпијада. Верувам дека можам да се справам со притисокот, но Олимпијадата е поинаква работа, имајќи предвид дека добивате можност секои четири години. Се надевате дека ќе добиете поволна ждрепка, се надевате дека ќе одиграте вистински мечеви, вистински поени во вистинско време. За да се освои олимписко злато треба сите работи да бидат на свое место“.
Во неговите три учества на олимпијадите досега тој ќе се сеќава на запознавањето со сопругата Мирка во Сиднеј 2000, потоа на носењето на швајцарското знаме прв пат на свеченото отворање во Атина 2004, како и на освојувањето на златниот медал во двојки заедно со Станислас Вавринка во Пекинг 2008. Убави спомени, но, како што тој често потсетува, има уште едно злато во сингл што се' уште недостига во неговата кариера. За да си ја обезбеди најдобрата можност за да го коригира тоа, Федерер се определи да го избегне вообичаеното сместување во Олимпиското село заедн�� со илјадниците натпреварувачи од целиот свет. Наместо тоа, тој останува на испробаниот и проверен рецепт што му донесе толку многу успех во „Ол Ингланд клаб“, каде што дузина работници завчера го менуваа логото на Вимблдон со огромни олимписки кругови.
„Нема Олимписко село за мене. Сум бил таму два пати“, изјави Федерер. „Едноставно, сметам дека тоа е невозможно за Игрите во Лондон, бидејќи Селото е предалеку (во Источен Лондон). Бев сместен во Селото во Атина, кога бев светски рекет број еден и тоа беше едно поинакво искуство во позитивна смисла, но мислам дека тоа го имам ’изгустирано‘ доволно. Сега треба да го сторам тоа што го правам најдобро, тоа е моја рутина и нема да ја менувам само поради тоа што станува збор за Олимпијадата. Тоа е малку себично, но треба да се постапи така. Во Пекинг бев сместен во хотел, ми беше малку здодевно, но така стигнав до олимпиското злато во двојки. Кога ќе се свртам наназад, на тоа гледам како на едно од најголемите достигнувања во мојот живот, па истата рутина ќе ја спроведам и тука. Ќе ја изнајмам истата куќа и ќе го правам истото во текот на дваесетте дена и се надевам дека ќе имам успех“.
Иако изгледа завршена работа дека 30-годишникот ќе го носи швајцарското знаме на свеченото отворање на Олимпискиот стадион по трет пат во низа, Федерер вели дека се' уште не решил дали да ја прифати честа.
„Тоа ми е понудено, но можно е да го отстапам на некој друг. Во преговори сум во врска со тоа. Се' уште не сум решил, но треба да биде објавено во наредните десет дена“, објасни Федерер. |