12.07.2012, 12:33 Во Израел пронајдено древно богатство вредно половина милион долари
Археолозите пронашле ќуп со злато во близина на националниот парк Аполонија закопан за време на Крстоносните војни
Израелски археолози пронајдоа повеќе од сто златни монети - динари од периодот на Крстоносните војни, а кои денеска вредат околу половина милион долари, објави сајтот Дискавери. За откритието заслужни се археолошки тимови од Универзитетот во Тел Авив и владини организации кои водат грижа за природата и националните паркови.
Тие пронашле ќуп со злато во близина на националниот парк Аполонија, некогашна староримска населба која била заземена за време на Крстоносните војни.
- Пронајдовме 108 динари и четвртина динари, и тоа е едно од најголемите количества монети пронајдени во средновековна археолошка локација во Израел, изјави професорот Орен Тал, началник на одделението за археологија на Универзитетот. Златните монети ги закопале витези од Малтешки ред познати како Суверен ред на Свети Јован Ерусалимски од Родос и од Малта.
Археолозите сметаат дека златото е закопано непосредно пред утврдувањето да падне во рацете на муслиманската војска.
Монетите биле во оптек во текот на 12 и 13 век. На нив се наоѓаат имиња и натписи на легенди за локални владетели, како и благослов, а на одделни има и датум и ознаки кои укажуваат на градот во кој се исковани, како што се Александрија или Триполи. Откако ќе заврши дешифрирањето на текстот на монетите тие ќе бидат префрлени во некој од музеите во Ерусалим или во Тел Авив. |