08.07.2012, 15:19 (ФОТО) Отпад од Пена изложен на плоштадот во Тетово
Мебел за дневна соба, цела кујна, многу облека и обувки што Тетовци го фрлале во водите на реката Пена или покрај нејзините брегови, беа изложени на плоштадот во Тетово
Волонтери на невладината организација Центар за балканска соработка „Лоја“, активно вклучувајќи се во потребата за чисто Тетово, ги извадија од реката фрлените предмети, со цел да поттикнат поголема грижа за чиста и здрава околина.
„Не очекувавме по коритото на Пена да најдеме толку големи стари и амортизирани предмети од домаќинствата. Се излажавме. Најдовме се' и сешто, дури и предмети што директно го загрозуваат здравјето на човекот. Дел од пронајденото го извлековме и го изложивме да видат нашите сограѓани што фрлаат и како си го загрозуваат своето и здравјето на своите соседи“, вели Јета Илјази, волонтер во „Лоја“.
На плоштадот имаше што да се види. Една прилагодена просторија беше налик на дневна соба, со кауч, фотелја, телевизор, фрижидер... Веднаш до неа, друга просторија како кујна со маса, столици, тепих, цел прибор за јадење, тенџериња...
„Ова е само почеток на нашата акција. Луѓето што минуваа и ги гледаа „експонатите“ што ги изложивме, не само што се прашуваа каде сме ги нашле, туку и не охрабрија да продолжиме со акцијата. Во „Лоја“ работевме цели три месеци и веќе се договоривме оваа активност да продолжи. Ќе трагаме по коритото на Пена, но и по многуте диви депонии што ги има на сите страни во околината на Тетово и ќе ги изложуваме на овдешната јавност. Оваа наша акција ќе продолжи се додека во нашиот град не се разреши проблемот со ѓубрето“, додава Јета Илјази.
Организаторите на „изложбата“, која траеше еден ден, се изненадени од големата заинтересираност на тетовци да ги видат предметите што нивни сограѓани ги фрлале во Пена. (Г.Е.)
|